За две евра се зголемила просечната плата во август во однос на претходниот месец. Статистиката пресмета дека во просек вработените земаат по 41.097 денари, што во споредба со лани е пораст од близу 13 отсто. Најголем скок на примањата има во секторите образование, уметност, јавна управа и одбрана, односно во дејностите каде согласно Колективните договори платите им се зголемија во март годинава.
Покачување има и во секторите каде некогаш вработените земаа минималец. Во преработувачката индустрија за една година платите пораснаа за 14 отсто – сега во производството на текстил во просек вработените земаат над 37 илјади денари, на кожа и облека над 27 илјади, производство на пијалоци над 48 илјади денари. Сепак, месечните примања во овој сектор се најниски во споредба со останатите. Просекот го креваат програмерите , кои со месечна плата од 1,600 евра се најплатени во државата.Зад нив се вработените во фармацијата, воздухопловството, финансиите, научното истражување. Нивните месечни плати се околу 1,000 евра.
Фото – Pixnio