Во рамки на платформата „Школа за новинари“ на ПроКредит Банка, група студенти од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вчера имаа можност да се сретнат со новинарката и главна уредничка на неделникот „Фокус“, Ирена Мулачка. Настанот, кој се одржа со поддршка од професорката на правните и новинарските студии – д-р Јасна Бачовска Недиќ, беше фокусиран на темата за истражувачко новинарство.
Во оваа прилика Мулачка со студентите сподели искуства, предизвици и реални приказни од нејзиното 17-годишно професионално искуство, како и детали за начинот на работа кој за неа донесе осум значајни награди и признанија за истражувачко новинарство.
Таа истакна дека личниот контакт е од суштинско значење за одржување на професионалните односи. „Ако ја изгубите довербата кај луѓето, никогаш повеќе нема да добиете информација што е клучна за вашето истражување,“ предупреди таа.
Настанот беше збогатен со лични примери од нејзината кариера, кои покажаа како истражувачкото новинарство може да придонесе за позитивни промени во општеството. Мулачка ги мотивираше студентите да бидат креативни, истрајни и отворени за континуирано учење. „За мене новинарството е една од најубавите и најкреативните професии. Ако навистина ја сакате, не само што ќе уживате во работата, туку и ќе имате можност да дадете свој придонес за менување на светот,“ заврши таа.
Од ПроКредит Банка потврдија дека продолжуваат со иницијативи за поддршка на новинарството, како и поддршка на младите и нивниот професионален развој со цел придонес кон позитивни промени за целото општество.