Катар се закани дека ќе го прекине снабдувањето со витален гас за ЕУ доколку земјите-членки строго ги применат новите закони кои ќе ги казнуваат компаниите кои нема да ги исполнат поставените критериуми за емисиите на јаглерод, човековите и работничките права.
Катарскиот министер за енергетика Саад ал-Кааби изјави за Фајненшл тајмс дека Доха ќе престане да извезува течен природен гас во Унијата доколку која било земја од ЕУ наметне казни за непочитување на скалата утврдена во директивата за корпоративна длабинска анализа.
Законот бара од земјите на ЕУ да воведат овластувања за наметнување казни за непочитување на плафонот од најмалку 5 отсто од годишниот глобален приход на компанијата.
„Ако изгубам 5 отсто од мојот генериран приход со одење во Европа, нема да одам во Европа… Не блефирам“, рече Кааби. „Пет проценти од остварениот приход на КатарЕнерџи значи 5 проценти од остварениот приход на државата Катар. Ова се пари на народот… така што тие не можат да изгубат толку многу пари – и никој не би прифатил да изгуби толку многу пари“.
Во мај оваа година ЕУ ги усвои правилата за длабинска анализа на компаниите. Тие се дел од поширокиот пакет барања за известување чија цел е усогласување на компаниите со амбициозната цел на ЕУ за постигнување нето нула емисии до 2050 година.
Но, директивата предизвика широка реакција кај компаниите, внатре и надвор од ЕУ, кои се пожалија дека правилата се претешки и ги ставаат во неповолна положба во однос на конкуренцијата.
(Seebiz.eu)
Фото – Wikimedia