Годишниот профит на JPMorgan Chase достигна рекорд благодарение на зајакнувањето на пазарот во четвртиот квартал. Добивката на банката се искачи на рекордно високо ниво, благодарение на значителното зголемување на приходите од инвестициското банкарство и тргувањето во четвртиот квартал,.
Најголемата банка во САД предвидува дека нето-приходите од камати (разликата меѓу приходите од заеми и каматните трошоци на депозитите) ќе ги надминат очекувањата на аналитичарите оваа година, иако претходно предупреди дека високиот раст на овој приход не е одржлив, пренесува Ројтерс.
Извршниот директор на JPMorgan, Џејми Дајмон, рече дека американската економија покажала издржливост, со мала невработеност и големи трошоци. Тој додаде дека бизнисите се пооптимисти поради подобрената соработка меѓу владата и бизнисот, но предупреди на ризици како што се инфлацијата, државните трошоци и геополитичките фактори.
Приходите од инвестициското банкарство се зголемија за 49 отсто, додека приходите од тргување се зголемија за 21 отсто, благодарение на посилното тргување со кредити, валути и пазари во развој. Нето приходите од камати во четвртиот квартал паднаа за три отсто на 23,5 милијарди долари, што е прв пад од 2021 година.
Банката објави годишен раст на добивката во 2024 година од 18 отсто на 58,5 милијарди долари, додека во четвртиот квартал забележа добивка од 14 милијарди долари или 4,81 долари по акција, што е повеќе од 9,3 милијарди долари или 3,04 долари по акција претходната година.
Фото – Free Malaysia Today