Домаќинствата што ќе инвестираат во фотоволтаични модули на крововите можат да ги преполоват сметките за струја!

- Advertisement -

Инвестицијата во соларна енергија има и економска и еколошка вредност. Освен очигледното зачувување на животната средина, домаќинствата кои ќе решат да инвестираат во фотоволтаични модули на крововите можат да ги намалат сметските за електрична енергија и за 50 отсто или повеќе. Вредноста на инвестицијата е во зависност од потребите на секое семејство, но вообичаено се враќа за 5 до 10 години. Граѓаните имаат можност да бидат и просумери, односно со инсталирање на двонасочни броила и да призведуваат електрична енергија.

Деновиве во Скопје се одржа четвртиот Соларен саем-Максол Експо на кој граѓаните на едно место можеа да се информират за сите детали за овие инвестиции. За предностите на обновливите извори на енергија и за поволностите од овој тип на инвестиции, во интервју за Иновативност, разговараме со Стефан Трајков од Македонската Соларна Асоцијација и професорот Димитар Димитров од ФЕИТ.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Стефан, во текот на оваа  недела во Скопје се одржува Соларен саем во организација на Солар Македонија. Што ќе биде претставено пред купувачите и какви информации ќе можат да добијат сите кои се заинтересирани за инвестиции во обновливи извори на енергија?

- Advertisement -

Трајков: На четвртиот Соларен саем-Максол Експо од 4 до 7 Јуни во Скопје Сити Мол во организација на Македонската Соларна Асоцијација, „Солар Македонија“ сите заинтересираните страни ќе ги добијат најважните информации за инвестирање во соларна опрема, фотонапонски панели, батерии за складирање електрична енергија, топлински пумпи, фото-термални колектори за производство на електрична енергија и топла вода, громобранска заштита, инвертори, роботи и машини за чистење на соларни модули, соларни термални колектори, соларни сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди, електрични возила, полначи, соларни бојлери и друга современа соларна техника.

На располагање на заинтересираните страни ќе им бидат начините и можностите за инвестирање, добивање на грантови и стимулативни мерки како и перспективите на соларните системи и натамошните политики во оваа област. Листата од излагачи на саемот е достапна на www.solar.org.mk 

- Advertisement -

Доколку едно домаќинство е заинтересирано за инвестиција, какви системи за искористување на сончевата енергија се достапни во земјава и на што најмногу треба да се обрати внимание при донесување на одлука?

Трајков: При избор на опрема секогаш е важно да се побараат сертификати за квалитет, информации за гарантните услови, достапност на сервисна поддршка и дали опремата може да биде опфатена со потенцијални мерки за субвенционирање. На пример, при избор на термален сончев колектор за санитарна топла вода, задолжително прашајте дали поседува SOLARKEYMARK сертификат.

Како треба да се донесе одлука кој и каков систем е соодветен за едно домаќинство?

Трајков: Пред да се донесе одлука, домаќинството или индустрискиот објект треба да има слика за својата месечна потрошувачка на електрична енергија, за потребите од греење и ладење на просторот, за потенцијална количина на потребна санитарна топла вода, просторија или машинска соба каде оваа опрема би се монтирала. Дополнително, важно е да се разгледаат можните локации за поставување на соларниот систем. Доколку сте во процес на изградба на објект, може да се направат консултации со излагачите на саемот кои се подготвителните фази треба да се направат со цел подоцна инсталацијата на соларниот систем да се заврши побрзо и ефикасно. Овие информации ќе му овозможат на понудувачот, инсталатерот или проектантот да предложат решение што најдобро одговара на реалните потреби на домаќинството.

Има ли достапна финансиска помош или субвенции за ваков тип на инвестиции и каква е процедурата да се добие?

Трајков: Новина на овој настан ке бидат и информации за субвенции и поволни кредитни линии преку програмата „Зелен финансиски инструмент (Green Finance Facility – GFF). Првиот ден од саемот, на 4 јуни беше насловен „GFF ден“, според програмата која нуди кредити со грантови за мали и средни претпријатија и одредени целни групи домаќинства за инвестиции во енергетски ефикасни решенија и обновливи извори. Програмата е финансирана од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој, Владата и Европската банка за обнова и развој и е имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со ЕБРД, ИОМ, УНЕЦЕ и финансиските институции. На штандот на GFF, посетителите можeа да се запознаат со информации во врска со оваа програма и понудите на банките и компаниите што ќе помогнат во нивната енергетска транзиција.

Професор д-р Димитар Димитров

Кои се најчестите предрасуди со кои настапуваат домаќинствата кога станува збор за инвестиции во системи за соларна енергија? На пример дали има примери на иселеници кои ставаат фотоволтаици на крововите и очекуваат приход?

Проф. Димитров: Домаќинствата што интензивно ја користат електричната енергија (за загревање, ладење, и слично), секако дека треба да размислат да инсталираат ФВ системи на нивните покриви. Инвестицијата ќе им обезбеди долгорочни заштеди. Исплатливоста не може да биде брза! Таа обично е во период од 5 до 10 години, но системот има работен век од 30 години или повеќе. Во објектите каде електричната енергија се користи повремено (викенд-куќи, куќи во кои ретко се престојува), според правилата за потрошувачи-производители, инвестицијата би се исплатела единствено на многу долг рок или би била неможна.

Што е се главните мотиви за македонските домаќинства да инвестираат во фотоволтаични системи? Колку во просек едно домаќинство може да ги намали трошоците за електрична енергија по инсталирањето на сончеви панели?

Проф. Димитров: Главна причина е намалување на сметките за електрична енергија, но исто така намалување на потребната енергија за ладење, зголемување на пазарната вредноста на објектот и слично. Доколку се постават батерии, може значително да се намалат ефектите од честите прекини во снабдувањето. Во однос на количеството потрошена електрична енергија и навиките, секое домаќинство е посебен пример, но општо, може да се смета дека намалување на сметките за електрична енергија за половина или повеќе е очекувано.

Каков е точниот редослед на чекори што едно домаќинство мора да ги помине од идеја до пуштање на системот во употреба, вклучувајќи ги и бирократските процедури?

Проф. Димитров: Според постојниот Правилник за ОИЕ, процедурата за инсталирање на фотоволтаичен систем не е комплицирана. Потребна е да се изработи проектна документација, врз основа на што општините издаваат Решение поставување на опрема. Паралелно се поднесува барање до ЕВН Електродистрибуција при што за кратко време се добива одобрување за приклучок за ФВ системот и доколку нема – се поставува двонасочно броило. Останатиот дел, т.е. инсталирањето на ФВ системот, го прави фирмата-изведувач, која на крајот ја потврдува исправноста на инсталацијата со изјава.

Колкав е животниот век на фотоволтаичните модули? Колку одржување бараат и дали македонските компании имаат капацитет да ги задоволат потребите на домаќинствата за сервис и одржување?

Проф. Димитров: Животниот век на ваквите ФВ систем е 30 години или повеќе,  додека потребата за одржување е минимална. Постојат неколку македонски компании, што доколку се јави потреба имаат можност да понудат квалитетен сервис, што се состои од регуларни проверки и подесување, замена на компоненти, чистење на модулите и сл.

- Advertisement -