Екстремната топлина, предизвикана од климатските промени, може да предизвика повеќе од 2,3 милиони смртни случаи во европските градови до крајот на векот, а градовите во Италија се меѓу најтешко погодените, според студијата на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.
Според студијата, објавена во списанието Nature Medicine, екстремната жештина може да предизвика најмногу смртни случаи во Барселона – 246.082, а потоа следува Рим со 147.738 и Неапол со 147.248.
Милано е петти на листата, со проценети 110.131 смртни случаи, а Џенова е десетта со 36.338, објави италијанската новинска агенција АНСА.
Авторот на студијата, Пјер Маселот, вели дека резултатите од студијата укажуваат на итна потреба да се продолжи решителната борба против климатските промени, како и да се прилагоди на зголемените температури. Тој посочи дека доколку нешто итно не се преземе, последиците можат да бидат погубни, особено во регионот на Медитеранот.
Италија минатата година доживеа интензивни топлотни бранови и екстремни суши на југот на земјата, а особено беа погодени Сицилија и Сардинија, додека обилните врнежи предизвикаа поплави во другите региони.
(Al Jazeera Balkans)
(фото: Grant&Co)