Федералните резерви на САД (ФЕД) ја задржаа референтната каматна стапка во опсег од 3,5 до 3,75 проценти, а одлуката беше донесена со гласови од 9:3. Ова е петта последователна седница без промена на монетарната политика, иако некои инвеститори не ја исклучија можноста за зголемување на каматните стапки поради постојаната инфлација и геополитичките ризици пред состанокот.
ФЕД соопшти дека продолжува внимателно да ја следи инфлацијата, чиј иден тек е неизвесен поради конфликтите на Блискиот Исток и зголемувањето на цените на енергијата. Во исто време, претставниците на централната банка проценуваат како забрзаното воведување на вештачката интелигенција би можело да влијае на инфлаторните притисоци и идниот економски раст, објавува CNN.
Новиот претседател на ФЕД, Кевин Ворш, ја продолжи политиката на својот претходник, нагласувајќи дека ограничувањето на инфлацијата останува приоритет. Иако на оваа позиција беше назначен од американскиот претседател Доналд Трамп, кој се залага за пониски каматни стапки, пазарите сега очекуваат дека ФЕД би можел да ги зголеми каматните стапки до крајот на годината.
Аналитичарите проценуваат дека помеѓу Ворш и поранешниот претседател Џером Пауел, постои голем континуитет во водењето на монетарната политика.
„Нема „помека“ цел за инфлација. Нема имплицитна цел. Постои само една цел, а тоа е два проценти“, рече Ворш по состанокот на централната банка, нагласувајќи дека Федералните резерви ќе останат цврсто посветени на враќање на инфлацијата на тоа ниво. Тој ја оцени отпорноста на американската економија како „импресивна“ и покрај неодамнешните економски и геополитички превирања, но рече дека централната банка „нема да се двоуми да дејствува“ кога е „неопходно и соодветно“.
За разлика од периодот кога често го критикуваше Пауел за високите каматни стапки, Трамп зазеде многу попомирувачки став кон Ворш.
Министерот за финансии Скот Бесент (Scott Bessent) изјави дека постои можност Федералните резерви да спроведат еднократно зголемување на каматните стапки, слично на потегот во 1997 година, нагласувајќи дека Трамп има целосна доверба во новиот претседател на централната банка.
Најновите податоци покажаа дека инфлацијата се забавила во јуни, првенствено поради падот на цените на енергијата по привременото примирје со Иран. Потрошувачките цени пораснаа за 3,5 проценти на годишна основа, по 4,2 проценти во мај, додека на месечна основа забележаа пад од 0,4 проценти, што е прв ваков пад во последните шест години.
Сепак, Варш предупредува дека еден поволен извештај не е доволен за да се заклучи дека проблемот со инфлацијата е решен. Тој рече дека Федералните резерви сакаат посигурни и поквалитетни економски податоци пред да ги донесат следните одлуки и нагласи дека централната банка нема да извлекува заклучоци врз основа само на еден месец поволни индикатори.
Фото – Wikimedia



























