Христина Фуна: Да создадам простори каде што квалитетот е норма, а не исклучок!

- Advertisement -

Некои бизнис приказни почнуваат од големи амбиции. Други — од вредности што тивко се пренесуваат низ генерации. За Христина Фуна, патот почнува таму каде што стабилноста на семејната традиција се среќава со желбата за нови хоризонти.

Нејзиниот татко, Славко Петровиќ, пред точно 35 години ја формираше СИНПЕКС Битола — компанија што стана лидер за продажба на земјоделска, градежна механизација и пратечки светски брендови од слични индустрии, но и симбол на доверба, интегритет и професионалност во регионот. Вредностите што тој ги постави како темел, денес Христина заедно со својот брат Синиша Петровиќ, својот сопруг и новата генерација – ги развива со истата пасија, но со поглед вперен кон иднината.

- Advertisement -

Семејството останува срцето на оваа приказна. Секој успех е заеднички успех, секој предизвик – заедничка лекција. Тоа ја обликува Христина не само како деловен лидер, туку и како чувар на една поголема мисија: да создаде бизнис што опстојува, но и инспирира.

Но Христина не застанува тука. Во рамките на UTOPIA Private Business Club кој го формира пред една година, таа ја основа UTOPIA Academy — платформа која не се обидува само да нуди обуки, туку има за цел да ја редефинира самата култура на учење и личен раст.

- Advertisement -

И во време кога пазарот нуди илјадници брзи курсеви и “инстант” решенија, таа инсистира на нешто поретко: автентично знаење, длабоки искуства, и создавање заедница што размислува подлабоко.

Со доведување на имиња како првата лига во дигиталниот маркетинг во регионот: Иван Миниќ, Милош Скокиќ, Горан Магдиќ, Даниел Милошевиќ, Светозар Круниќ, Александар Ашковиќ, а наскоро и Роко Водопија како врвен консултант за лидери и трансформација на компании во средна и југоисточна Европа, Христина поставува јасен стандард: да не се стремиме кон повеќе — туку кон врвно.

- Advertisement -

Ова е разговор со жена која верува дека најголемата иновација е да останеш верен на суштината, додека ја градите иднината.

новинарка | Љубица Ангелкова

фотограф | Коста Дупчинов

Христина, твоето патување почна во СИНПЕКС, а денес си предводник на нови иницијативи како UTOPIA Academy. Кога дојде тиј миг дека сакате да создадете нешто свое?

Мислам дека идејата за создавање нешто свое никогаш не почнува од еден голем момент. Почнува од малите нешта што не ти даваат мир. Светот во кој формата станува поважна од суштината не е светот во кој сакам да делувам. Гледав како знаењето околу нас станува брза стока – и си реков: а што ако го вратиме на неговото вистинско место? Не како производ, туку како предизвик. Тој предизвик стана мојата мисија. А UTOPIA Academy е само почеток на таа идеја што расте. Тоа е мојот начин да вратам нешто на заедницата која ме изгради. Мојата мајка помина децении од нејзиниот живот во образование и можеби оттука тој порив сега и кај мене

Колку вредностите од семејниот бизнис ве обликуваа во креирањето на UTOPIA Academy?

Семејниот бизнис ме научи многу деловно и искуствено, но три нешта ме обликуваа и тоа: трпението, тежина на зборот ‘доверба’ и секогаш доследност кон ‘интегритетот’. Во светот каде сè е инстант, ми се чини дека вистинските вредности се најреволуционерните идеи. И тоа го пренесувам во UTOPIA. Ќе бидам секогаш благодарна на моите родители, на брат ми, на мојот сопруг и на сите што ја носат нашата приказна напред – со срце, не само со план.

Во ера кога дигитализацијата е задолжителна, што научивте од традиционалниот начин на водење бизнис што и денес го сметате за непроценливо?

Научив дека човечкиот фактор нема верзија 2.0. Без оглед колку технологијата напредува, луѓето прават бизнис со луѓе. Емпатијата, интегритетот, зборот даден преку ракување – тоа се вредности што остануваат неприкосновени. Новото време бара брзина, но срцето на успехот останува исто: доверба што се гради ден по ден.

Веќе донесовте имиња како Иван Миниќ, а наскоро и Роко Водопија. Како ги одбирате луѓето што ги носите пред вашата публика?

Ги одбирам по еден критериум: колку ќе ми биде тешко да ги претставам во само една реченица. Ако може да се сведе на кратка биографија, не е доволно. Сакам луѓе што носат свет во себе — и што можат да инспирираат други да го прошират својот. Секој предавач во UTOPIA Academy мора да биде жив пример за интегритет, страст и визија.Тоа се луѓе кои јас лично сум ги слушала или можам да ги слушам со часови, кои воодушевуваат не само на темата која им е специјалност туку со секој разговор, карактерно се големи и со огромно искуство, спремни да споделат и успех и личен неуспех.

UTOPIA Academy не изгледа како уште една „брза обука“. Што е вашиот критериум за квалитетно образование денес?

Квалитетното образование не го мери дипломата, туку трансформацијата. Ако човекот што ќе влезе на првиот час и човекот што ќе излезе на последниот не се две различни лица – тогаш не сме направиле ништо. И уште нешто: квалитетот не треба да биде привилегија за малкумина. Треба да биде право за секој што е подготвен да вложи.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте кога решивте да ја градите Академијата во Битола?

Да се убедам самата себе дека нема погрешно време за вистинска идеја. Битола знае да биде скептична – не затоа што не сака ново, туку затоа што премногу пати видела половични обиди. Ја прифатив таа скепса како мотив, не како пречка. Се трудам секој ден да покажам дека упорноста и квалитетот го надминуваат почетниот сомнеж.

Денес е лесно да создадеш академија – доволни се добра веб страна и неколку предавачи. Зошто според вас вистинската тежина се гради многу потешко?

Платформи може да купиш. Стил не можеш. Вистинската тежина се гради кога секој гостин, секој настан, секоја лекција е внимателно избрана како камче во вредна градба. А таа не се гради за една сезона. Се гради за генерации, со секој ден труд, со секоја мала, скоро невидлива одлука што носи поголемо значење.

Имаат ли луѓето денес навистина трпение за вистинско учење, или сме во ера на „минимален напор – максимален ефект“? Како се бориш против тоа?

Не им се лутам на луѓето. Светот нè тренира да сакаме ‘сè сега’. Нашиот одговор не е да им се спротивставиме, туку да им дадеме причина да останат. Ако им покажеш што значи длабочина, никој повеќе нема да се задоволи со плиткост. UTOPIA Academy не нуди само знаење — таа нуди искуство што го менува начинот на кој гледаш на себе и на светот.

Дали некогаш чувствуваш дека пазарот бара „површни“ решенија – а тука се нуди длабочина што не секогаш сите знаат да ја препознаат веднаш?

Апсолутно. Но вистинскиот успех не е во тоа сите веднаш да те разберат. Успехот е кога оние што треба да те разберат, ќе те пронајдат сами. Ние не сме тука за да бидеме за сите. Ние сме тука за оние што веруваат дека вистинската вредност бара време, труд , интелект и срце.

Дали постои ризик дека големата понуда на обуки ја девалвира вистинската вредност на образованието? Како UTOPIA Academy се позиционира против таа опасност?

Да, постои ризик – како што постои ризик најдоброто вино да го мешаш со вода. Но ние не се плашиме од бројки. Знаеме дека квалитетот се гради тивко, а влијанието се мери во луѓе кои размислуваат поинаку благодарение на тоа што поминале низ вистинско искуство. Ние градиме длабочина таму каде што другите нудат брзина.

Кога зборуваме за обуки денес, зборуваме за море од избор. Што е она што прави UTOPIA Academy своја?

UTOPIA Academy не е уште еден производ. Таа е простор каде што знаењето се третира како нешто живо – нешто што треба да те промени, да те разбуди, да те натера да поставиш подобри прашања. Ние не се натпреваруваме со бројките. Ние работиме со луѓето што сакаат да станат подобри од верзијата на себе што ја имале вчера.

Јас тргнувам од себе – ако од една обука или предавање не излезам со две ,три нови идеи за мене тоа не е успешно предавање. Тоа треба да испирира, да те промени, буквално да те тресни од земја и да промени дел од тебе. Да ти светкаат очите додека бараш уште знаење и одговори. Тоа треба да се обуките во UTOPIA Academy.

Ако треба со три реченици да ја дефинираш разликата помеѓу типична обука и UTOPIA Academy, кои би биле тие?

Типична обука те учи што да правиш.

UTOPIA Academy те учи зошто вреди да го правиш тоа.

Типична обука те учи дека немаш ‘проблем,’ туку ‘предизвик’, 

UTOPIA Academy ти вели : да, имаш проблем, реален, заедно бараме решение, оти знаеме како. 

Типичната обука е теорија – UTOPIA Academy е учење преку студији на случаи. 

UTOPIA Academy те учи како да бидеш автентичен глас во свет полн со ехо.

Како ги гледаш луѓето што ќе поминат низ UTOPIA? Какви профили сакаш да изградиш – само професионалци, или лидери што носат промени?

Не сакаме само професионалци. Сакаме визионери кои ќе носат промени таму каде што другите гледаат статус кво. Луѓе што ќе се осмелат да мислат подлабоко, да создаваат со етика, да инспирираат со пример.

Една од целите е да ги привлечеме младите , да им покажеме дека и тука е можен успех, дека има лидери и ментори кои можат да ги водат кон успешна кариера и личен развој.

Има ли нешто што цело време те води во креирањето на UTOPIA – некаква реченица, принцип или вредност што ја држиш како компас?

Да вложуваш каде што другите кратат. Да веруваш каде што другите се откажуваат. И да создаваш дури и кога никој не те гледа. 

Мојот компас е ова: успехот се мери во квалитетот на она што го создаваш кога никој не аплаудира.

Пет години од сега: што би сакала да гледаш како резултат на UTOPIA Academy?

Би сакала да гледам заедница на луѓе кои не се плашат да бидат поинакви. Луѓе што ќе го носат знаењето како нешто свето, а не како нешто практично. Луѓе што ќе знаат дека промената почнува од малите избори што ги правиме секој ден.

Ако денес треба да ја дефинираш твојата лична мисија со една реченица, како би звучела?

Да создадам простори каде што квалитетот е норма, а не исклучок.

Сподели!
- Advertisement -