Истражувањата за ракот сè повеќе се свртуваат кон неочекувани извори, како што се бактериите во цревата на ладнокрвните животни. Научниците од Јапонскиот напреден институт за наука и технологија објавија дека микробите земени од водоземци и влекачи можат да ги потиснат туморите кај глувците, при што еден сој целосно ги елиминира туморите, без сериозни несакани ефекти.
Бидејќи водоземците и влекачите ретко добиваат рак, тим од научници од Јапонија испитал дали нивните бактерии во цревата имаат заштитни својства. Тие анализирале 45 бактериски соеви изолирани од жаби, саламандери и гуштери и идентификувале девет кои мерливо го намалиле растот на туморот кај глувците.
Најефикасен бил организмот наречен Ewingella americana, изолиран од јапонската крастава жаба Dryophytes japonicus. Резултатите сугерираат дека цревните микробиоми на долните ‘рбетници содржат бројни, сè уште некарактеризирани, бактериски видови со извонреден терапевтски потенцијал, пишуваат истражувачите во труд објавен во научното списание Gut Microbes.
Една инјекција од Ewingella americana направила повеќе од тоа само да ја забави болеста. Туморите целосно исчезнале, а кога клетките на ракот биле повторно воведени 30 дена подоцна, третираните глувци останале без тумор најмалку уште еден месец. Во исто време, бактериите директно го нападнале туморското ткиво и го зајакнале имунолошкиот одговор, активирајќи ги Т-лимфоцитите, Б-лимфоцитите и неутрофилите (вид бели крвни клетки).
Кај глувците Ewingella americana брзо била исчистена од крвотокот, не предизвикала долгорочна токсичност и не ги оштетила здравите органи. Инјекциите биле поефикасни во намалувањето на туморите од некои постоечки терапии, вклучувајќи го и хемотерапевтскиот лек доксорубицин.
Овие резултати сугерираат дека Ewingella americana претставува ветувачки терапевтски кандидат со прифатлив безбедносен профил, погоден за можен клинички развој, пишуваат авторите на студијата.
“Потребни се понатамошни обемни тестирања за безбедност пред да започнат клиничките испитувања. Нашето откритие го демонстрира огромниот, но сепак неискористен потенцијал скриен во разновидните микробни екосистеми и ја истакнува клучната важност на зачувувањето на биодиверзитетот за напредокот на медицинската наука и терапевтските иновации“, заклучуваат јапонските научници.
(Science Alert)






























