8.8 C
Skopje
среда, февруари 11, 2026


Најбезбедни авиокомпании во Европа и во светот за 2026 година

- Advertisement -

Веб-страницата AirlineRatings, анализирајќи ги стапките на инциденти на 320 авиокомпании и земајќи ги предвид фактори како што се бројот на летови и староста на флотата, состави листа на 25 најбезбедни авиокомпании во светот за 2026 година.

Покрај тоа, беше оценета обуката на пилоти и безбедносните ревизии, а оваа година поголемо значење беше дадено на мерките за спречување на турбуленции. Иако извршната директорка на AirlineRatings, Шерон Петерсен, истакна дека разликите меѓу авиокомпаниите во рангирањето се повеќе се намалуваат, првото место го зазеде авиокомпанијата од Заливот – Etihad Airways. Ова е прв пат компанија од тој регион да се најде на врвот на листата, преземајќи го од Air New Zealand.

- Advertisement -

Три од петте најдобри авиокомпании доаѓаат од регионот на Заливот, додека на листата доминираат азиско-пацифичките превозници. Седум европски превозници се меѓу 25-те најбезбедни.

Турскиот национален авиопревозник Turkish Airlines повторно е прогласен за најбезбедна авиокомпанија во Европа, на 12-то место во светот. Со својот главен центар во Истанбул, Turkish Airlines го држи и светскиот рекорд за најмногу земји до кои лета, а во 2025 година беше прогласена за шеста најдобра авиокомпанија во светот од страна на Skytracks. Последниот фатален инцидент на комерцијален лет на Turkish Airlines се случи во 2009 година, кога девет патници и членови на екипажот загинаа кога “Боинг 737-800” се урна при слетување на аеродромот Shiphol во Амстердам.

- Advertisement -

Британската Virgin Atlantic се најде на 13-то место, додека нејзината сестринска компанија Virgin Australia се најде на деветтото место. Virgin Atlantic основана во 1984 година, немала ниту една фатална несреќа.

Други европски компании кои влегоа меѓу 25-те најбезбедни се: TAP Air Portugal (16-то место), САС (17-то место), British Airlines (18-то место), Iberia (20-то место) и Lufthansa (21-во место).

- Advertisement -

Во посебно рангирање на нискобуџетните авиокомпании, европските компании сочинуваа 40% од листата. Додека HK Express беше најбезбедна на глобално ниво, најдобрата европска нискобуџетна авиокомпанија беше EasyJet, која се најде на петтото место. Британскиот превозник, основан во 1995 година, досега немал ниту една фатална несреќа. По него следуваат AirBaltic (7-мо место), Wizz Air (9-то место), TUI (11-то место), Vueling (12-то место), Norwegian (13-то место), Jet2 (17-то место), Ryanair (18-то место), Transavia (20-то место) и Eurowings (21-во место).

AirlineRatings ги оценува авиокомпаниите на систем од седум ѕвезди, при што првите 25 најбезбедни авиокомпании се оние што добиваат максимален број поени.

Системот за оценување ги зема предвид сериозните инциденти поврзани со пилотите, што резултира со одземање на една или две ѕвездички во зависност од сериозноста и фреквенцијата на инцидентот, како и фаталните несреќи во последните десет години, што автоматски резултира со губење на три ѕвездички.

Оценката не вклучува тероризам, киднапирања, самоубиства или несреќи предизвикани од дејството на други авиони. Исто така, се земаат предвид и меѓународните безбедносни ревизии, вклучувајќи ја и IATA оперативната безбедност, меѓународните ревизии за безбедност на воздухопловството на земјите, како и безбедносниот рејтинг на FAA. За 2026 година, процесот на оценување ќе го вклучи учеството на авиокомпаниите во програмата IATA Turbulence Aware за прв пат, додека во наредните години е планирана проценка на политиките поврзани со литиумските батерии, безбедносните видеа и употребата на напредни алатки за следење на безбедноста.

Во врска со рангирањето, Шерон Петерсен изјави: “Важно е да се напомене дека сите компании на листата за 2026 година доживеале некаков вид инцидент во последните две години – од контакт со опашката на пистата до пожари во лет до гаснење на моторите. Сепак, вистинската стапка на инциденти по лет е помеѓу 0,002 и 0,09, што јасно покажува колку е безбедна авиоиндустријата денес.“.

(Kamatica)

Сподели!
- Advertisement -