Почнува 15-тото издание на Самитот на Македонија2025, кој на 12 и 13 мај во хотелот „Мериот“ во Скопје ќе обедини високи претставници од бизнис секторот, владата, меѓународните организации, академската заедница, инвеститорите, дијаспората и регионалните лидери.
Под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување лидерство“, годинешниот Самит ќе отвори дискусии за економскиот раст, конкурентноста, инвестициите, инфраструктурата, дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и улогата на дијаспората во развојот на Македонија. Во фокусот ќе бидат и теми поврзани со лидерството, иновациите, иднината на институциите и регионалната соработка.
Главната програма почнува денес, 12 мај, и ќе опфати клучни обраќања, панел-дискусии и интервјуа со домашни, регионални и меѓународни лидери. Програмата ќе биде отворена со обраќања на лидерството на Македонија2025, меѓу кои Виктор Мизо – претседавач на Одборот на директори, Мајк Зафировски – коосновач и проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски – извршна директорка на Македонија2025.
Во рамките на првиот ден од Самитот предвидено е да се обрати и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, како и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, а најавено е и учество на претставници на меѓународни организации, инвеститори и лидери од регионот и дијаспората.
Меѓу говорниците и учесниците на Самитот ќе бидат истакнати имиња од бизнисот, финансиите, технологијата, дипломатијата и дијаспората, меѓу кои Живко Мукаетов, Волфганг Мајер, Светозар Јаневски, Огњен Лазиќ, Боријан Борозанов, Ендрју Вробел, Том Клајн, Ана Арсов, Џон Битов, Кристофер Хил, Рон Томас, Тања Михајловска Димитриевска, Јордан Битов, Елизабет Наумовски, Кети Ицева, Војдан Карапетковски, Емил Христов, Саше Димитроф, Ѓорѓе Војновиќ, Митре Кутановски, Вал Јусуфи и други.






























