Регистарот, според министерот Муамет Хоџа ќе треба да ја зголеми транспарентноста во работењето на компаниите, а на јавноста да и обезбеди навремени и релевантни податоци
Сите компании кои имаат А-интегрирана дозвола издадена од Министерството за животна средина ќе бидат дел од нов регистар на загадувачи, во кој ќе мора да ги споделуваат со јавноста сите податоци поврзани со мерењата на емисиите во воздухот, водата или почвата кои се обврзани да ги прават. Регистарот, според министерот Муамет Хоџа ќе треба да ја зголеми транспарентноста во работењето на компаниите, а на јавноста да и обезбеди навремени и релевантни податоци.
„Во следниот период ќе одржиме средби со сите компании кои имаат А-интегрирани дозволи со цел да ги информираме за новините од законот за индустриски емисии кој стапува во сила од септември 2027 година на кои ќе треба да се адаптираат. Една од темите на средбата ќе биде и дигиталната платформа во форма на регистар на која ќе треба да ги објавуваат податоците“, рече Хоџа.
Тој вели дека не се работи за едноставно техничко решение, туку мерка за зголемување на одговорноста на компаниите. Посочува дека системски ќе се собираат и јавно ќе се објавуваат податоци за емисиите на индустриските загадувачи, за преносот на отпад надвор од локацијата, за загадувањето на отпадните води како и за потрошувачката на енергија, вода и суровини.
„Барањата за известување за испуштање и пренос на загадувачи се усогласени во условите во дозволите кои ги имаат капацитетите, што овозможува регистарот да озбезбеди сигурни и споредливи податоци за емисиите и користењето на ресурсите од страна на загадувачите. На тој начин притисокот е поголем, а со тоа и одговорноста за почитување на стандардите“, рече Хоџа.
Регистарот ќе биде отворен за јавноста, а секој заинтересиран ќе може да го отвори и да ги види резултатите од лабораториските анализи кои се должни да ги направат загадувачите. Мониторингот на работењето, посочуваат од Министерството, е обврска на компанијата, која треба да го сноси и трошокот за направените анализи, а државните органи, како Државниот инспекторат за животна средина, контроли ќе прават само кога ќе постои сомнеж во резултатите кои ги доставиле компаниите или видливо загадување, што е практика воспоставена и во Европската унија.
(Меta.mk)
Фото- Wikimedia Commons




























