LinkedIn отпушта околу 875 вработени и покрај растот на приходите: Тврдат дека тоа не е поради вештачката интелигенција

- Advertisement -

Деловната социјална мрежа LinkedIn планира да отпушти околу пет проценти од својата глобална работна сила, односно приближно 875 вработени, како дел од реорганизацијата на тимовите и прилагодувањето на деловната стратегија за следниот период.

Компанијата, која според официјалните податоци вработува повеќе од 17.500 луѓе ширум светот и има повеќе од 1,2 милијарди корисници, започна да ги известува вработените за отпуштањата во среда, објави Ројтерс. Портпаролот на компанијата изјави дека намалувањата не се поврзани со развојот на вештачката интелигенција.

- Advertisement -

„Како дел од редовното деловно планирање, имплементиравме организациски промени со цел подобро да се позиционираме за иден успех“, рече претставникот на компанијата.

Според извештаите од матичната компанија Microsoft, приходите на LinkedIn пораснале за 12 проценти во последниот квартал во споредба со истиот период минатата година, што претставува забрзување на растот на почетокот на 2026 година.

- Advertisement -

Иако голем број технолошки компании во последните месеци го поврзаа намалувањето на бројот на вработени со поширокото воведување на технологии за вештачка интелигенција, извори блиски до компанијата тврдат дека тоа не е случај со Linkedin. Извршниот директор на LinkedIn, Даниел Шаперо, во интерно писмо до вработените изјави дека отпуштањата ќе опфатат повеќе сектори, вклучувајќи инженерство, развој на производи и маркетинг.

Компанијата во последниве години интензивно воведува алатки базирани на вештачка интелигенција, вклучувајќи пребарување со вештачка интелигенција и автоматско испраќање пораки за корисниците. Сепак, менаџментот истакнува дека вештачката интелигенција не е нова во нивниот бизнис.

- Advertisement -

„Градиме со вештачка интелигенција од 2007 година. Ја користиме за поврзување на луѓето, за да ги заштитиме и да ја одржиме довербата во екосистемот. Тоа е една од нашите најмоќни алатки“, рече директорот за производи Томер Коен во интервју за TechCrunch.

Дополнително внимание предизвика и промената во политиката за приватност на крајот од 2025 година, кога Linkedin овозможи користење на кориснички податоци за обука на генеративни модели на вештачка интелигенција, освен ако корисниците не ја исклучат таа опција.

Отпуштањата на Linkedin се дел од поширок тренд во технолошкиот сектор. Според веб-страницата Layoffs.fyi, технолошките компании отпуштиле повеќе од 103.000 работни места од почетокот на годината, со што бројот се приближува до вкупниот број на отпуштања регистрирани во целата 2025 година.

Меѓу компаниите кои исто така објавија значителни намалувања се Block, Cloudflare и Meta Platforms, додека аналитичарите проценуваат дека технолошкиот сектор поминува низ нова фаза на реструктуирање поради промените во приоритетите и забрзаниот развој на инфраструктурата за вештачка интелигенција.

(Nova Ekonomija)

Фото – ndla.no

- Advertisement -