Претседателката порача дека жените мора да бидат рамноправни креатори на дигиталната иднина, а не само учесници во технолошкиот развој На церемонијата на Women in Tech® Macedonia Awards беше истакната клучната улога на жените во науката, иновациите и технологијата
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, денеска на церемонија во Кабинетот на претседателот ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”.
Сиљановска-Давкова во своето обраќање на церемонијата рече дека денес, повеќе од еден век по Вирџинија Вулф и нејзината идеја за „сопствена соба”, пред жените се отвора нов простор – дигиталната соба, во којашто се создава новата архитектура на современиот свет. Посочи дека повеќе од половина од истражувачката заедница во државава ја сочинуваат жени, што за неа претставува сериозен интелектуален потенцијал и силна основа за развој на науката, иновациите и технологијата.


Претседателката порача дека не е доволно жените само да бидат дел од технолошкиот развој, туку рамноправно да учествуваат и во дефинирањето на правилата и вредностите на дигиталниот свет. Таа ја поздрави работата на организацијата Women in Tech, оценувајќи дека преку своите активности ги охрабрува младите девојки да се вклучат во светот на технологијата, науката и иновациите.

Според Сиљановска-Давкова, иднината нема да бара само технолошка прецизност, туку и емоционална интелигенција, а токму жените покажале и докажале извонредна способност и умешност да ја поврзат аналитичноста со човечноста, знаењето со грижата и лидерството со емпатијата.
„Кога една жена ќе успее, нејзиниот успех станува можност и охрабрување за многу други жени коишто доаѓаат по неа”, рече претседателката.





























