Исланд повторно е најскапата земја во светот – ja надмина и Швајцарија

- Advertisement -

Анализата покажува дека цените на овој оддалечен остров достигнале рекордни нивоа, поттикнати од туризмот, инфлацијата и структурните економски фактори.

Според пресметките на локалниот синдикат Viska, кој користел податоци од Евростат и Централната банка на Исланд, нивото на цените во „земјата на огнот и мразот“ ги надминува цените во Швајцарија за три процентни поени. Последниот пат, во 2018 година, Исланд беше поскап од алпската држава, според официјалните податоци на Евростат. Оваа промена на врвот на листата со најскапи нации укажува на подлабоки економски предизвици со кои се соочува малата атлантска економија.

- Advertisement -

Размерот на зголемувањето на цените е драстичен. Цените во Исланд моментално се за 84% повисоки од просекот во 27 европски земји, што е значителен скок во споредба со триесетгодишниот просек од 42%. Во споредба со соседните нордиски земји разликата е уште поочигледна.

Цените на храната се повисоки во просек за 44%, додека месните производи се поскапи за дури 71%. Дури и високите плати, иако се карактеристика на исландската економија, не успеваат целосно да ги компензираат трошоците за живот, бидејќи ценовниот јаз во споредба со другите нордиски земји е речиси двојно поголем од разликата во заработката.

- Advertisement -

Комбинацијата од неколку фактори придонесува за високи трошоци. Географската изолација во Северниот Атлантик значи дека огромното мнозинство стоки мора да се увезуваат по воздушен или морски пат, што значително ги зголемува трошоците за транспорт кои се пренесуваат на малопродажните цени.

Дополнително, Исланд има високи даноци, со стандардна стапка на ДДВ од 24%, како и значителни увозни давачки за производи како што се автомобили и електроника. Мал домашен пазар со население од околу 400.000 жители ја ограничува конкуренцијата и спречува економии на обем, што дополнително ги одржува цените високи.

- Advertisement -

Брзото закрепнување на туризмот по пандемијата, кој е главен двигател на економскиот раст на земјата, дополнително ја стимулира побарувачката и растот на цените. Вилјалмур Хилмарсон, економист во синдикатот Виска, објаснува дека туризмот е главен фактор што придонесува за инфлацијата во услужниот сектор.

Притисокот од побарувачката од туризмот го поттикна растот на платите. Друга важна компонента се недвижностите, кои се директно засегнати од туризмот. Туристите, на пример, се натпреваруваат со локалните жители за домување преку платформи како Airbnb“, истакна Хилмарсон.

Високите цени најтешко ги погодуваат жителите. Изнајмувањето стан со една спална соба во центарот на Рејкјавик чини помеѓу 250.000 и 350.000 исландски круни месечно (приближно 1.750 до 2.450 евра).

Иако платите се високи, со просечна нето плата од околу 540.000 круни овие трошоци се огромен товар за буџетот на домаќинствата.

Многумина се принудени да делат сместување или да живеат во предградијата за да сврзат крај со крај. Ситуацијата е особено тешка за младите луѓе и оние со пониски приходи.

Додека природната убавина продолжува да привлекува посетители, високите трошоци почнуваат да го оптоваруваат туристичкиот сектор. Истражувањето на Исландскиот туристички одбор покажува дека растечки број посетители сметаат дека нивното патување не вредело за парите.

Исланд се соочува со задачата да ја усогласи својата туристичка политика, регулирањето на цените и политиката за домување.

Балансирањето на интересите на посетителите со квалитетот на живот на локалното население ќе биде клучно за долгорочната одржливост и конкурентност на земјата на глобалната сцена.

(021)

(фото: Pexels)

- Advertisement -