Нов експериментален лек за метастатски рак на панкреас речиси го дуплраше вкупното преживување во клучно клиничко испитување од фаза 3, спроведено во Институтот за рак Дана-Фарбер, потенцијално поставувајќи нов стандард за пациенти чија болест напредувала по почетната хемотерапија.
Лекот, „дараксонрасиб“, им помогнал на пациентите да живеат просечно 13,2 месеци во споредба со 6,7 месеци за оние третирани со хемотерапија од втора линија. Третманот, исто така, го намалил ризикот од смрт за 60 проценти, според резултатите од глобалното испитување RASolute 302, што ќе биде презентирано на годишниот состанок на Американското здружение за клиничка онкологија (ASCO).
Во студијата биле вклучени 500 пациенти низ Северна Америка, Европа и Азија. Сите учесници имале метастатски рак на панкреас и веќе примиле една линија хемотерапија за напредна болест пред да бидат рандомизирани да примаат или „дараксонрасиб“ или хемотерапија.
Истражувачите, исто така, објавија дека лекот ја одложил прогресијата на болеста. Просечното преживување без прогресија достигнало 7,2 месеци во групата на „дараксонрасиб“, во споредба со 3,6 месеци кај пациентите кои примале хемотерапија.
Ракот на панкреас останува еден од најсмртоносните облици на рак, главно затоа што често се дијагностицира откако ќе се прошири. Сегашните опции за третман од втора линија нудат ограничени резултати, а малку пациенти со метастатска болест преживуваат повеќе од една година.
Повеќе од 90 проценти од ракот на панкреас носат мутации во онкогенот KRAS, што ги прави RAS протеините привлечна цел за развивачите на лекови. „Дараксонрасиб“ е орален мултиселективен инхибитор на RAS(ON) дизајниран да го блокира сигнализирањето и од мутантни и од немутантни RAS протеини.
„Ова е првиот RAS инхибитор оценет во големо, рандомизирано испитување за пациенти со рак на панкреас и покажува колку е важно влијанието што овие нови лекови веројатно ќе го имаат врз третманот на болеста“, рече Брајан Волпин, директор на Центарот за истражување на ракот на панкреас и Центарот за рак на гастроинтестинален тракт во Институтот за рак Дана-Фарбер.
Според истражувачите, користа од преживувањето е забележана без оглед на статусот на мутација на RAS кај пациентот, што укажува дека третманот може да има широка применливост кај популации со метастатски рак на панкреас.
Испитувањето, исто така, покажа повисоки стапки на одговор на туморот со експерименталниот лек. Кај пациентите со познати мутации на RAS G12, 33,2 проценти доживеале значително намалување или исчезнување на туморот, во споредба со 11,8 проценти во групата со хемотерапија.
Кај сите пациенти, без оглед на статусот на мутација, објективната стапка на одговор достигнала 31,6 проценти со дараксонрасиб наспроти 11,2 проценти со хемотерапија.
Истражувачите не пријавиле неочекувани проблеми со безбедноста. Најчесто забележаните несакани ефекти вклучуваат осип, воспаление на устата, гадење и дијареја, што е во согласност со клиничките студии во порана фаза.
„Со оглед на неговата способност да ги инхибира мутантните и немутантите RAS(ON) протеини, ‘дараксонрасиб’ има широка применливост што не беше можна порано“, рече Волпин.
Наодите би можеле да ги преобликуваат пристапите кон третманот доколку регулаторите го одобрат лекот.
Студијата е објавена во The New England Journal of Medicine.
(Interesting Engineering)
(фото: Pxfuel)




























