Меѓународната федерација на новинари (IFJ) усвои Глобален рамковен договор за употребата на вештачката интелигенција во медиумскиот сектор, поставувајќи значаен чекор кон воспоставување меѓународни стандарди за одговорна примена на вештачката интелигенција во новинарството. Договорот беше одобрен на неодамна одржаниот Светски конгрес на федерацијата во Париз.
Новиот документ претставува политичка, уредничка, етичка и синдикална рамка за медиумските организации и новинарите ширум светот. Неговата главна цел е заштита на темелните принципи на новинарството, вклучувајќи ја заштитата на изворите, проверката на фактите, уредничката проценка, авторските права, интелектуалната сопственост и правичните услови за работа.
Според договорот, неконтролираната употреба на вештачката интелигенција носи сериозни ризици за медиумската индустрија. Меѓу нив се слабеењето на новинарските стандарди, намалувањето на квалитетот и веродостојноста на информациите, зголемената несигурност на работните места, алгоритамскиот надзор, нетранспарентното носење одлуки и прекршувањето на авторските и интелектуалните права. Документот предупредува и на растечката зависност од големите технолошки компании кои сè повеќе влијаат врз економските модели на медиумите.
Еден од клучните принципи утврдени со договорот е дека конечните уреднички одлуки секогаш мора да останат во рацете на луѓето. Воедно, се наведува дека ниту еден новинар не смее да биде оценуван, санкциониран или отпуштен исклучиво врз основа на автоматизирани одлуки донесени од системите засновани на вештачка интелигенција. Овие гаранции имаат за цел да ја зачуваат професионалната независност и одговорност во редакциите.
Договорот дополнително нагласува дека новинарските содржини не смеат да се користат за обучување на системи со вештачка интелигенција без претходно известување, изречна согласност, целосна транспарентност за користењето на изворите на информации и правична надомест за носителите на правата, вклучително и за хонорарните новинари.
Со усвојувањето на оваа рамка, IFJ настојува да обезбеди технолошкиот развој да биде во служба на новинарството, истовремено зачувувајќи ја довербата на јавноста, слободата на медиумите и демократската улога на печатот.
Фото – Dataprix




























