Центарот за климатски промени денеска организира Соларен саем, што ќе се одржи од 10 до 13 часот на Градскиот плоштад во Кичево.
Настанот има за цел да ја приближи темата за соларната енергија и обновливите извори до граѓаните преку информативни и интерактивни активности. Посетителите ќе можат да се информираат за фотонапонски системи, придобивките од користење соларна енергија, како и концептот на просумер-граѓанин кој произведува и троши сопствена електрична енергија.
Во рамки на саемот ќе бидат поставени штандови од различни организации и компании со што граѓаните ќе можат директно да се информираат за технички решенија, понуди и практични аспекти за инсталација. Ќе бидат организирани и интерактивни активности и демонстрации поврзани со користење на соларна енергија, меѓу кои и симулации на производство и користење на електрична енергија, како и интерактивни работилници за деца со цел на најмладите да им се доближи концептот на обновливи извори на енергија на забавен и едукативен начин, информира организаторот.
Настанот е дел од пошироките напори за зголемување на јавната свест за одржливи енергетски решенија и поттикнување на енергетската транзиција. Во рамки на проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, кој се спроведува во рамките на „Финансирање
на поправедни иднини: Проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“, координиран од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија, годинава ќе бидат реализирани вакви Соларни саеми и во Битола и Прилеп. Целта е дополнително да се доближат можностите за користење обновливи извори на енергија до пошироката јавност и да се поттикне учеството на граѓаните во енергетската транзиција.


























