Од Скопскиот аквадукт до нови финансиски канали на Западен Балкан. Како микро финансиите да стигнат до бизнисите и луѓето?

- Advertisement -

По успешните изданија во Дубровник и Сараево, оваа година Скопје ќе биде домаќин на MicroBalkans 2026 – водечка регионална конференција посветена на иднината на небанкарските микрофинансии, финтек иновациите и финансиската инклузија во Западен Балкан.

 Како визуелен симбол на настанот е избран токму Скопскиот аквадукт. Симболиката е јасна: како некогашните аквадукти што поврзувале ресурси со градовите, денес финансискиот сектор е тој што треба да изгради поефикасни канали низ кои капиталот, знаењето и иновациите ќе стигнат до бизнисите и луѓето што ја движат економијата.

- Advertisement -

Во време кога пристапот до финансии е едно од клучните прашања за растот на микро, малите и средните компании, третото издание на MicroBalkans го става фокусот токму на новите модели на кредитирање, дигитализацијата и регионалната соработка.

Под мотото „Lending Reimagined“, конференцијата ќе ги обедини финансиските институции (небанкарски, микрокредитни и банки), регулаторите, инвеститорите, fintech компаниите, развојните партнери и бизнис-заедницата од Западен Балкан и Европа.

- Advertisement -

Главната тема е како капиталот да стане подостапен, побрз и поодговорно насочен кон компаниите, претприемачите и граѓаните, особено во економии во кои малите бизниси имаат значајна улога во создавањето работни места и нова вредност.

Изборот на Скопскиот аквадукт како визуелен идентитет на MicroBalkans 2026 ја пренесува пораката дека финансиската инфраструктура денес не е само прашање на пари, туку и на поврзаност, доверба, технологија и функционални канали меѓу различните учесници во системот.

- Advertisement -

На агендата ќе бидат опфатени теми кои веќе го менуваат финансискиот сектор: дигиталното кредитирање, вештачката интелигенција, анализата на податоци, европската регулатива, финансиската инклузија, одговорното кредитирање и можностите за поголема соработка меѓу банките и небанкарските финансиски и микрокредитни институции.

Финансискиот сектор е крвотокот на економијата

За една мала компанија, пристапот до финансии овозможува една идеја да не остане само на хартија, туку да се реализира. Со тие средства да се вложи во нова опрема, технологија, да се вработат луѓе, па дури и да се влезе на нов пазар. За граѓаните пристапот до финансии е можност да задоволат одредена потреба во период кога им е најпотребно.

Банките, небанкарските финансиски и микрокредитни институции, штедилниците, fintech компаниите, инвеститорите и развојните институции имаат различни улоги, но се дел од ист финансиски екосистем. Колку подобро функционира тој екосистем, толку поголеми се шансите капиталот да стигне до сегментите каде што може да создаде нова вредност.

Кредитирањето влегува во нова фаза

Технологијата веќе го менува начинот на кој финансиските институции проценуваат ризик, носат одлуки и креираат производи. Вештачката интелигенција, анализата на податоци, автоматизираните процеси и дигиталните финансиски услуги отвораат простор за побрзо, пофлексибилно и поперсонализирано кредитирање. Но заедно со брзината доаѓаат и нови одговорности: заштита на потрошувачите, финансиска писменост, приватност на податоците, усогласување со регулативата и внимателно управување со ризиците.

Затоа мотото „Lending Reimagined“ е повеќе од конференциска порака. Тоа е реално прашање пред регионалниот финансиски сектор: како ќе изгледа кредитирањето во следната деценија?

Скопје како регионална точка за финансиски дијалог

Иако небанкарските финансиски и микрокредитни институции, членки на Алијансата за Западен Балкан работат на различни пазари и регулаторни рамки, предизвиците со кои се соочуваат се слични: ограничен пристап до капитал, потреба од дигитализација, усогласување со европските стандарди и развој на одржливи модели на финансирање.

MicroBalkans 2026 има цел да го претвори тој заеднички предизвик во регионален разговор за конкретни решенија, партнерства и нови финансиски канали што можат да функционираат и преку границите. Скопје ќе биде домаќин на настан кој ги поврзува клучните актери од финансискиот екосистем и место каде ќе се отвори простор за дискусија за иднината на кредитирањето во регионот.

Ако некогаш инфраструктурата значела аквадукт или канал по кој водата стигнува до градот, денес финансиската инфраструктура значи систем низ кој капиталот, технологијата и знаењето стигнуваат до оние што можат да создадат економски и одржлив раст. 

Прашањето не е само колку капитал има во регионот, туку и колку добро се изградени каналите по кои тој се движи? Токму тој разговор од Скопје, за иднината на финансиските канали на Западен Балкан го отвора MicroBalkans 2026 – конференција на Алијансата за Западен Балкан за микрофинансискиот сектор.

Конференцијата ќе се одржи на 24  и 25 септември 2026 година во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје, во организација на Групацијата на небанкарски финансиски друштва и штедилниците при Стопанската комора на Северна Македонија, во партнерство со членките на Western Balkans Alliance и European Microfinance Network.

Повеќе информации за конференцијата се достапни на официјалната веб страна. 

- Advertisement -