Француската групација Папрец, еден од водечките европски играчи во рециклирањето и управувањето со отпад, влегува на српскиот пазар со купување на 80 проценти од акциите во австриската компанија „Брантнер грин солушнс“, која работи во Србија како „Брантнер отпадна привреда“ д.о.о.
Папрец потпиша договор со семејството Брантнер за стекнување на мнозински удел во одделот за животна средина на австриската групација, објавува eKapija.
Семејството Брантнер ќе задржи една петтина од сопственоста во оваа компанија и ќе продолжи да го поддржува развојот на бизнисот. Трансакцијата се однесува на работењето на Брантнер грин солушнс, додека Брантнер Логистик Солушнс и Брантнер Реал Естејт остануваат во целосна сопственост на семејството Брантнер.
Трансакцијата претставува прв влез на Папрец на пазарите во Австрија, Словачка, Чешка, Романија и Србија, со што значително се проширува присуството на француската групација во Централна и Источна Европа.
„Brantner green solutions“ работи на 65 локации и фабрики во пет земји, има повеќе од 28.000 клиенти и речиси 2.500 вработени, додека годишните приходи на компанијата надминуваат 320 милиони евра.
Во Србија, Brantner работи преку четири локации, во Нови Бечеј, Ковачица, Кањижа и Опово, во рамките на дејноста што вклучува управување со отпад, негово собирање и рециклирање.
Финансиската вредност на трансакцијата не беше објавена. Paprec наведува дека ова е најголемата поединечна инвестиција на групацијата од 2016 година, кога беше реализирано спојувањето со француската компанија Coved. Претседателот и извршен директор на Paprec, Матие Петитигенен, ќе биде претседател на компанијата, додека Бернд Брантнер ќе биде потпретседател.
По добивањето на потребните регулаторни одобренија, Paprec очекува аквизицијата да ја зголеми вкупната големина на групацијата на приближно 26.000 вработени во 15 земји, со годишни приходи поголеми од 4,5 милијарди евра.
Фото – Pixnio




























