Обичните статии престануваат да бидат одржлив производ за медиумите, бидејќи традиционалниот органски сообраќај од пребарувачите драматично се менува под влијание на вештачката интелигенција и социјалните мрежи. Новите податоци покажуваат дека дигиталните издавачи мора да преминат од класична оптимизација за пребарувачи кон поимот „откривливост“ за да остварат контакт со публиката на сите дигитални канали.
Традиционалниот модел во кој органското пребарување преку Google беше главната влезна точка за дигиталните издавачи се соочува со големи трансформации. Според анализата објавена на Search Engine Journal од авторот Хари Кларксон-Бенет, текстовите и статиите сами по себе престанаа да бидат одржлив самостоен производ. Времето кога сообраќајот од пребарувачите и Google Discover беше саморазбирлив преминува во нова ера во која дигиталните бизнис модели и незаменливоста на медиумите се ставени под прашалник. Новиот концепт на „откривливост“ („discoverability“) налага пристап во кој содржината мора да ги пресретне корисниците на сите дигитални канали каде што тие го минуваат своето време.
Откривливоста или кај нас често нарекувана „визибилити“-то се дефинира како веројатност вистинската личност да наиде на вашата содржина во вистинскиот момент, без разлика на платформата, изворот или дали корисникот воопшто активно пребарувал. Овој пристап ги заменува класичните позиции на рангирање со борба за моменти во кои медиумот може директно да го ангажира корисникот.
Според новите податоци од истражувањето на iPullRank цитирани во анализата, дури до 86 проценти од сите кликови на Google се водени од откриливоста, главно на десктоп компјутерите, што покажува дека Google сѐ уште има важна улога низ сите фази на корисничкото искуство.
Промените во однесувањето на публиката се меѓу главните причини за оваа промена. Тинејџерите денес поминуваат само четири минути дневно на веб-страниците на издавачите, во споредба со 19 минути кај лицата постари од 55 години, при што помладата публика претпочита гледање и слушање наместо читање. Директниот сообраќај и брендираните пребарувања се во пад на сите нивоа.
Податоците на iPullRank покажуваат дека 52,3 проценти од сите пребарувања кај возрасната група од 18 до 24 години завршуваат без ниту еден клик, додека кај оние од 55 до 64 години овој процент изнесува 42,7 проценти. Постарите корисници, исто така, имаат седум пати поголема веројатност да кликнат на оглас, додека помладите генерации имаат помала доверба во традиционалните медиуми.
Во исто време, пребарувањата без клик постанаа доминантни кај специфични типови содржини. На пример, пребарувањата за спортски настани во живо бележат 70 проценти стапка на пребарувања без клик, што е највисок процент меѓу сите категории содржини, а по нив следат корисничките пребарувања како временска прогноза и дигитални калкулатори.
Ваквиот тренд е дополнително засилен од затворените екосистеми на големите технолошки платформи, како и од алатките за вештачка интелигенција кои ги сумираат информациите директно во интерфејсот и ја намалуваат потребата за посета на изворните веб-страници.
Дополнителен предизвик за медиумите е и секогаш поголемата доверба на корисниците во поединечни креатори отколку во затворени брендови. Ова ја објаснува и одлуката на Google да прикажува повеќе објави од социјалните мрежи во Google Discover. За оваа тема, Џон Мулер од Google изјави: „Неодамна, генерално почнавме да прикажуваме повеќе објави од социјалните мрежи во Discover, и тоа не само од X, туку и од Instagram, TikTok и неколку други извори. Ова го правиме затоа што откривме дека корисниците уживаат во содржини напишани од луѓе, односно во суштина пократки верзии на содржини…“
За да успеат во оваа нова средина, издавачите мора да применат трифазна рамка за откриливост: пасивна, активна и сопствена. Пасивната фаза се однесува на алгоритмско пресретнување на корисниците во нивниот социјален фид кога тие бараат инспирација. Активната фаза стапува на сцена кога корисникот бара конкретно решение, додека сопствената фаза претставува крајна цел во која преку е-пошта, известувања, следење автори и интерактивна заедница, корисникот се претвора во лојален читател и поддржувач. Ова бара примена на таканаречено новинарство водено од намера, кое ги комбинира вестите со аудио и видео формати, настани во живо, објаснувања и алатки за заедницата.
Економската диверзификација исто така станува неопходност за медиумите. Примерот на The New York Times покажува дека од нивните 12,3 милиони претплатници во моментот на креирање на податоците, само 1,5 милиони биле исклучиво претплатници на вести, додека останатите користеле дополнителни производи.
Иако платформите како Substack и beehiiv покажуваат дека пазарот за пишаниот збор сѐ уште постои кога зад него стојат поединечни автори, традиционалните издавачи во следната деценија ќе можат да опстанат само доколку станат незаменливи за својата публика преку градење вистинска заедница и присутност на сите релевантни платформи.
(Marketing365.mk)
Фото – PickPik





























