Uber ја објави аквизицијата на ezCater, платформа со седиште во САД специјализирана за корпоративен кетеринг и нарачување храна. Трансакцијата, која целосно ќе се реализира во готовина, е проценета на 2,3 милијарди долари.
Основана во Бостон во 2007 година, компанијата ezCater им овозможува на фирмите да нарачуваат храна за деловни состаноци, настани и оброци за вработените. Платформата поврзува повеќе од 140.000 ресторани низ САД. Во текот на изминатите 12 месеци таа генерирала бруто-нарачки во вредност од над 2,5 милијарди долари, при што просечната вредност на нарачката надминувала 400 долари – што е значително повеќе од вредноста на стандардните нарачки за достава на храна.
Од Uber наведуваат дека ezCater е профитабилна компанија и дека нејзините услуги ќе бидат интегрирани со Uber Eats и Uber for Business. Договорот подлежи на регулаторно одобрување, а финализирањето на трансакцијата се очекува во наредните месеци.
Со преземањето на ezCater, Uber има за цел да ја намали разликата во однос на DoorDash, компанијата што доминира на американскиот пазар за достава на храна. На глобално ниво, пак, Uber Eats има посилна позиција. Аналитичарот Скот Девит истакна дека оваа аквизиција му обезбедува на Uber „нова деловна линија заснована на нарачки за големи групи, платени од страна на компаниите“.
Во последниве години доставата е сегментот од работењето на Uber што бележи најбрз раст. Во јули компанијата исто така се договори за преземање на германската фирма Delivery Hero – сопственик на платформата Glovo – во трансакција вредна 14,8 милијарди долари.
(Klix.ba)
(фото: Pexels/Shox Art)





























