Европа би можела да се соочи со сериозен недостиг од природен гас оваа зима доколку Ормутскиот теснец остане затворен, а дипломатските напори меѓу САД и Иран не донесат решение, предупредува Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Според проценките на агенцијата, доколку блокадата продолжи до почетокот на следната година и зимата биде постудена од вообичаеното, нивото на гас во европските складишта би можело да падне на само 10 проценти од капацитетот. Особено критично е што при исполнетост под 30 проценти се намалува и можноста за испорака на гас до домаќинствата и индустријата.
Европскиот енергетски пазар веќе е под силен притисок. Цените на природниот гас во третиот квартал биле за 90 проценти повисоки во споредба со истиот период минатата година, а евентуалното продолжување на кризата би значело и поскапo полнење на складиштата во текот на следното лето.
Блокадата на Ормутскиот теснец, преку кој минува значителен дел од светската трговија со течен природен гас, особено го погодува извозот од Катар. Дополнителните испораки од САД не се доволни за целосно да го надоместат недостигот, додека Европа се соочува и со конкуренција од азиските пазари.
Најзагрижувачка е состојбата во Германија, каде што складиштата за гас се исполнети со помалку од две третини од капацитетот, што е под законски предвиденото ниво од 80 проценти пред зимската сезона.
Во меѓувреме, надежите за дипломатски договор меѓу Вашингтон и Техеран предизвикаа пад на цените на европскиот гас за повеќе од 10 проценти. Сепак, неизвесноста околу натамошните потези на американскиот претседател Доналд Трамп и можноста за продолжување на воените активности остануваат главен ризик за снабдувањето.
Извршниот директор на „ТоталЕнерџис“, Патрик Пујане, смета дека Европа нема целосно да остане без гас, но предупредува дека потрошувачите ќе мора да се подготват за значително повисоки цени доколку кризата продолжи.
Фото – Pxherex



























