Започна деветтата Регионална конференција за е-трговија:Вештачката интелигенција и новите технологии ја менуваат дигиталната економија

- Advertisement -

Над 900 учесници од повеќе од 12 земји, над 30 говорници и повеќе од 80 партнери се дел од годинешното издание под мотото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“

Утринава во Скопје започна деветтата Регионална конференција за е-трговија, која и годинава ги става во фокус најактуелните промени во дигиталната економија и нивното влијание врз бизнисите и потрошувачите. Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), конференцијата се одржува под мотото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“, со над 900 учесници од повеќе од 12 земји и над 30 домашни и меѓународни говорници.

- Advertisement -

Програмата опфаќа презентации и дискусии за вештачката интелигенција и AI агентите, иднината на онлајн купувањето, прекуграничната продажба, дигиталните плаќања, логистиката и новите деловни модели. Меѓу компаниите чии претставници се дел од конференцијата се Amazon, Google DeepMind, LinkedIn, Tesla, Visa, Decathlon, Wolt, Ananas Ecommerce и Gjirafa.

На отворањето, претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков, истакна дека регионот има значителен потенцијал за развој на е-трговијата, но дека е потребно побрзо претворање на дигиталната поврзаност и финансиската вклученост во реално користење на дигиталните услуги и онлајн купувањето.

- Advertisement -

„Додека светот забрзува со вештачката интелигенција, ние во регионот сè уште се соочуваме со основни предизвици во дигитализацијата. Предизвикот веќе не е само да обезбедиме пристап до технологија, интернет или платежни картички, туку да изградиме знаење, доверба и навики за нивно користење. Регионот има огромен потенцијал, но повеќе нема луксуз да чека – време е тој потенцијал да го претвориме во конкретни активности и резултати“, порача Ангеловска Станков.

На отворањето се обрати и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој ја истакна важноста на дигиталните услуги за граѓаните и компаниите, посочувајќи дека нивното унапредување придонесува за поефикасно работење и намалување на административните трошоци.

- Advertisement -

„Октомври беше најуспешниот месец досега и за Платформата за интероперабилност и за Националниот портал за е-услуги, при што на Платформата се регистрирани над 20 милиони трансакции, а Националниот портал забележа повеќе од 30 илјади користења на електронските услуги. Овие резултати покажуваат дека дигиталните услуги сè повеќе стануваат дел од секојдневието. Нашата цел е компаниите да можат што повеќе постапки да завршуваат електронски, со помалку административни трошоци и повеќе време за развој на бизнисот“, истакна Андоновски.

Во фокусот на конференцијата се и состојбите и потенцијалите на е-трговијата во регионот, преку презентација на новите годишни анализи на АЕТМ. Споредбените податоци за Западен Балкан ќе дадат увид во напредокот на пазарот, но и во предизвиците поврзани со разликата меѓу користењето интернет и онлајн купувањето, дигиталните вештини и застапеноста на готовинските плаќања.

Покрај програмата, конференцијата нуди простор за деловно вмрежување, размена на искуства и воспоставување нови партнерства меѓу компаниите од регионот и пошироко.Деветтата Регионална конференција за е-трговија се реализира со поддршка на Visa како платинум партнер, КаСис како стратешки партнер, Iute Македонија како финтек партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, Дајнерс и Ананас како златни партнери, Комерцијална банка, Халкбанк, Сава Пензиско Друштво, НЛБ Банка и Wolt како сребрени партнери, како и Минт, Сава Осигурување, Унибанка, Евроинс, РСМ, Акција24, Пивара Скопје, Зегин, ЕВН, Маркев и ELS како бронзени партнери, заедно со бројни други партнери и соработници.

- Advertisement -