6.2 C
Skopje
среда, февруари 19, 2020

„Наша Добра Земја“ продава органска свежа храна произведена само од македонски производители

Kabtel desktop

 Во продавницата на задругата може да се купи свежо и сезонско овошје и зеленчук, мед, бадеми, лешници, ореви, сите типови на брашна, леб, пченица, рж, грав, џемови, слатка, разни видови на втеглен преработен зеленчук….., вели Билјана Бужаровска, една од основачите на коперативата

Консумирањето здрава органска храна, одгледана во чиста околина и без додавање на пестициди и други хемикалии, е едно од најважните прашања со кои се соочува човекот во модерниот начин на живеење. Обезбедувањето на континуиран пристап до сертифицирана органска храна, произведена токму во најчистите делови од Македонија и секојдневна достава до потрошувачите, била иницијалната идеја на Билјана Бужаровска, Ивона Бару и Билјана Филиповска, во 2015 година да ја основааат Првата кооператива на потрошувачи на органска храна „Наша Добра Земја“.

„Со здравјето и со чистата околина нема компромис“, е мотото на сопственичките на „Наша Добра Земја“. Една од нив, Билјана Бужаровска за „Иновативност“ објаснува дека додека во светот генетски модифицираната храна влегува на голема врата, нивната цел е да ја подигнат свеста на нашите потрошувачи за важноста на еколошката храна, но и за огромните можност кои на ова поле ги има Македонија. Како прва задруга за потрошувачи во земјава „Наша Добра Земја“, се залага за намалување на загадувањето на околината и нерационалното трошење на ресурсите, кои ни ги намалуваат шансите за одржливо постоење.

Од снабдувачи на мали количини органски зеленчук и овошје, за помалку од две години, „Наша Добра Земја“, прераснаа во една од најснабдените продавници, која продава исклучиво органски и свежи продукти од македонските ниви. Денеска, „Наша Добра Земја“ за членовите на задругата подготвува неделна органска кошничка, а за сите кои не се членови, свежите продукти ги нуди во продавницата во Тафталиџе. За својата посветеност се наградени со прво место за социјално претприемништво и со првата регионална награда за филантропија преку Зелени идеи.

(Разговараше- Сања Наумовска)

  • Г-ѓа Бужаровска, Прва кооператива на потрошувачи на органска храна „Наша Добра Земја“, е меѓу ретките трговци кои нудат само органски производи? Колку време постоите на пазарот во Македонија?

„Наша Добра Земја“ е првата задруга на потрошувачи на органска храна во Македонија, регистрирана во мај 2015 година. Предходно, како неформална, затворена фејсбук група, работевме неколку години снабдувајќи со органска храна повеќе од триесетина семејства. Интересот растеше и решивме овој начин на работа да го официјализираме и прошириме.

Ние не сме единствените што нудиме органска храна, но ние сме единствени што нудат органска храна произведена исклучиво од македонски производители. Нашата цел е да нудиме сезонска, здрава, регионална, органска храна произведена во Македонија, и понудата на производи е постојана и континуирана преку целата година. Со ваква понуда придонесуваме за здравјето на луѓето од една стана, а од друга се грижиме и за природата и биодиверзитетот. Затоа што под органска храна се подразбира начинот на кој е произведена, како е пакувана (ние користиме хартиена амбалажа) и начинот на транспорт.

  • Покрај свежо овошје и зеленчук, нудите и џемови, слатко, зимници, како и средства за хигиена. Посочете ни што се се продава во вашите продавници и што најмногу бараат нашите купувачи?

Покрај свежото и сезонско овошје и зеленчук, нудиме и мед, бадеми, лешници, ореви, сите типови на брашна, леб, пченица, рж, грав, џемови, слатка, разни видови на втеглен преработен зеленчук, вегански паштети, сирење и кашкавал, свежи и суви печурки, сокови, маслинки, семки од тиква, сончоглед, сусам, лен, повеќе видови  масла…. Покрај природно направените сапуни од неодамна имаме и колекција на органска македонска козметика. Потребите и желбите на луѓето  се различни  но најчесто  доаѓаат за свежото овошје и зеленчук.

  • Дали може да заклучиме дека граѓаните се свесни за придобивите од органската храна или пак треба поголема едукација?

Денес с` повеќе луѓе сакаат да дојдат до здрава и сигурна храна, расте свеста дека храната произведена без пестициди и хемиски препарати е бенефит не само за нас луѓето, туку  и за околината и природата воопшто. Секако дека едукацијата е неопходна, и мора уште многу да се работи за проширување и подигнување на свеста на што поголем број на луѓе, а тоа  треба да почне уште од најраната возраст.

  • Во светот има иницијативи за намалување на цените на органските производи за да бидат подостапни на сите. Сметате ли дека тое е одржливо и применливо и во Македонија?

Цените се повисоки, но не се драстично во однос на тоа што се добива за возврат. Сепак таа храна е одгледана на сосема поинаков начин, и неможе да се очекува органскиот производ да има најниска цена, туку цена која го заслужува квалитетот на понуденото. Но, ние во задругата преку членството и нашите неделни кошнички нудиме пониски цени. Членовите добиваат можност еднаш неделно да си одберат кошничка со свежо сезонско овошје и зеленчук. Со самото зачленување добиваат не само пониски цени, туку и пристап до некои производи, кои за жал ги нема во доволни количини да се задоволат потребите на пазарот. Исто така, нашиот модел на работење нуди директен контакт со производителот, така да ние сме посредниците – директна врска помеѓу производителот и потрошувачот и на тој начин се намалуваат посредниците, а со тоа и цената на производот.

  • Набавувате исклучиво од домашни производители? Каква е вашата соработка?

Со производителите се обидуваме да создадеме однос на доверба и соработка. За потребите на задругата, а особено за потребите на неделните кошнички, со производителите договараме планирано производство. Знаејќи ги нашите потреби договараме количини кои се неопходни за наредната сезона. Така да обезбедуваме она што е потребно, а истовремено и производителот е сигурен дека она што е произведено ќе биде откупено. На овој начин создаваме еден партнерски однос со производителите. Секако дека има уште многу да се работи на ова планирано производство, но се надеваме дека работата оди во тој правец.

Истовремено организираме и посети кај нашите производители, сакаме да ги видиме условите, местоположбата, и сите оние фактори кои се неопходни во одгледувањето. Покрај сертификатот, правиме и наши интерни контроли и соработуваме со инститициите кои се одговорни.

  • Какви се вашите планови за во иднина, дали органската храна ќе стане секојдневие на нашите семејства?

Планови има многу. И досега организиравме обука на нови потенцијални производители, и тоа од Шарскиот регион, обука на мали производители од недоволно развиени региони, се со цел да се поттикне руралниот развојот, да се шири органскиот начин на одгледување, да придонесуваме за чиста околина. Очекуваме и понатаму да се развиваме во тој правец, секако зголемување на бројот на членовите на задругата, подобра организација и разноврсна понуда. Секој што дошол еднаш во „Добра Земја“ да има причини да дојде повторно.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •