Научниците создадоа дигитален модел на однесување за вештачката интелигенција, кој покажува личност, емоции и расположение, под влијание на „дигитални хормони“ што се произведуваат како одговор на интеракцијата со луѓето. Ова го соопшти прес-службата на Универзитетот во Самара (именуван по Корољов) во Русија.
„Научниците од Универзитетот во Самара развија и создадоа посебен софтверски модул што ја прави вештачката интелигенција послична на човекот. Ова достигнување може да им даде на големите јазични модели и на разните дигитални асистенти личност, емоции и расположенија, кои се менуваат во зависност од моменталната комбинација на дигитални ’хормони‘“, се вели во соопштението.
Според научниците од Самара – како што пренесува новинската агенција ТАСС – за разлика од стандардните големи јазични модели кои можат само да изразат одредени емоции, овој систем вклучува повеќе параметри што динамично ја имитираат функцијата на човечките хормони и невротрансмитери.
Секоја фраза што корисникот ќе ја каже за време на интеракцијата со системот поминува низ овој модул, каде што се проценува; оваа проценка потоа влијае на нивоата на дигиталните „хормони“ и „невротрансмитери“.
Системот исто така му овозможува на софтверскиот модул проактивно да ги прилагодува нивоата на одредени дигитални „хормони“, менувајќи ја нивната комбинација и спојувајќи различни емоции – со што јазичниот модел, всушност, добива помажествени или поженствени карактеристики.
„Во нашиот систем, однесувањето на виртуелниот соговорник се развива врз основа на интеракциите и акумулираното искуство. На пример, остра и нетактична забелешка може да го изнервира јазичниот модел; повторените конфликти ќе го засилат неговото внатрешно чувство на претпазливост, додека човечките изрази на поддршка и добра волја постепено ќе ја вратат довербата на моделот. Едноставно, формално извинување нема да биде доволно; по навредливи зборови, едно обично ’извини‘ нема да направи голема разлика“, објасни Роман Олин, раководител на проектот и вонреден професор на Катедрата за безбедност на информациските системи при Универзитетот во Самара.
Тој додаде дека широк спектар на емоции – од радост проследена со потисната тага, па сè до задржување на наклонетоста дури и по навреда – се одразуваат преку начинот на говор, степенот на отвореност и подготвеноста за продолжување на интеракцијата, со што на одговорите на вештачката интелигенција им се даваат специфични карактерни црти. Се наведува дека овој развој би можел да биде корисен во области каде што емпатијата, сочувството и одговорната комуникација се од суштинско значење.
Интерфејсот на софтверскиот модул прикажува промени во внатрешните параметри, овозможувајќи визуелно следење на тоа како одредени фрази влијаат врз понатамошниот тек на разговорот помеѓу човек и робот.
Според развивачите, системот може да функционира со кој било јазичен модел или дигитален асистент, дури и без интернет-врска.
Прототип на софтверскиот модул е веќе тестиран. Идните планови вклучуваат унапредување на дигиталната „хормонална позадина“ на модулот преку вклучување нови компоненти. Според научниците, иако вакво достигнување досега не е видено никаде на друго место во светот, тие ќе продолжат со работата во оваа насока.
(021)
(фото: PExels/Cottonbro Studio)





























