ICEHOTEL повторно е тука и е помагичен од кога било. На 200 километри од Арктичкиот круг во шведското село Јукајарви хотелот направен од снег и мраз повторно се гради секоја година. Постои неколку месеци и има уникатни апартмани изработени од избрани уметници од целиот свет. Можете да спиете во соба со огромно јајце „фаберж“, во рацете на Кинг Конг – уметничките вештини во секоја соба ќе ве одушеват како ништо друго.
Годинава е 28-ма по ред. Inhabitat пишува дека светски познатиот хотел ICEHOTEL е и првиот хотел од мраз кој трае од декември до април. Секоја година се собира мраз од околината на реката Торн, која е најголема од вкупно 4 национални реки во Шведска. Кога хотелот ќе се истопи водата повторно се враќа во почвата. Околу 40 уметници од целиот свет се покануваат секоја година да направат уникатна комбинација од мраз, снег и светлина.
Годинава хотелот од мраз нуди 35 целосно уникатни уметнички и делукс апартмани, бар, сала за церемонии и галерија. Гостите можат да избираат во која соба ќе спијат. Секоја соба се одржува на температура од -5 до -8 степени Целзиусови, а гостите спијат на кревет Carpe Diem покриен со кожа од елен и посебна термална вреќа за спиење. Во посебна зграда се наоѓаат простории за пресоблекување и бањи. Цените за собите стартуваат од 661 долар од ноќ.