Џејмс Дакомб се откажал од училиште за да започне стартап. Сега, откако неговата нова компанија за чипови со вештачка интелигенција, Olix, собра капитал со проценка од 3,3 милијарди долари, тој е најмладиот самостоен милијардер во Европа.
Џејмс Дакомб се откажал од средно училиште во 2017 година за да го започне CoMind, стартап кој развива технологија за следење на мозокот. Четири години подоцна тој се откажал од колеџот благодарение на престижната стипендија на Тил за да се фокусира со полно работно време на претприемништвото. Денес, на само 25 години, тој е најмладиот самостоен милијардер во Европа.
Неговото богатство се базира на Olix, производител на чипови со вештачка интелигенција со седиште во Лондон, основан во 2024 година, како и на неговиот удел во CoMind, кој сè уште го води како посебна компанија.
Olix ја зголеми својата проценка за само шест месеци, достигнувајќи 3,3 милијарди долари, на почетокот на август, откако собра 312 милиони долари свеж капитал. Инвестицискиот круг ги вклучуваше инвестицискиот фонд Fundomo со седиште во Њујорк, производителот на чипови Arm, американскиот квантитативен хеџ фонд Hudson River Trading, соосновачот на Netflix, Рид Хејстингс и британскиот суверен фонд за богатство Sovereign AI.
Дакомб поседува околу 30 проценти од Olix, што го прави милијардер. Тој, исто така, поседува 12 проценти удел во Co Mind. Компанијата собра дополнителни 102,5 милиони долари минатата година, иако нејзината пазарна вредност не беше откриена.
Дакомб е еден од 11-те самостојни милијардери во светот под 30 години. И еден од само четворицата надвор од Соединетите Американски Држави.
Вториот најмлад самостоен милијардери во Европа е Арвид Лунемарк, соосновач на компанијата за вештачка интелигенција Cursor. 26-годишниот Швеѓанец се пресели во САД за да студира на МИТ, каде што ја основа компанијата со тројца колеги во 2022 година. Откако SpaceX го купи Cursor за 60 милијарди долари, вредноста на средствата на секој од соосновачите речиси се дуплираше на околу 2,4 милијарди долари.
Друг 26-годишен Швеѓанец, Фабијан Хедин, соосновач на стартапот за вештачка интелигенција Lovable, исто така речиси го дуплираше своето богатство минатата недела. Неговата компанија собра уште 400 милиони долари со проценка од 13,3 милијарди долари. Со тоа богатството на Хедин се проценува на 3,1 милијарда долари.
Новата генерација милијардери е одраз на глобалниот бум во стартапите поврзани со вештачката интелигенција.
Титулата најмлад самостоен милијардер се смени неколку пати во изминатата година. Моментално ја држи Сурија Мида, Американец кој имал само 22 години кога неговиот стартап Merkor, специјализиран за регрутирање со вештачка интелигенција, собра капитал во октомври со проценка од 10 милијарди долари. Неговото богатство се проценува на 2,2 милијарди долари.
Пред него, титулата ја држеа основачот на Polymarket, Шејн Коплан и соосновачот на Scale AI, Александар Ванг.
Дакомб верува дека иднината на вештачката интелигенција не лежи во користењето на универзален чип за сите задачи, како оние што ги произведува Nvidia, туку во развојот на специјализирани чипови оптимизирани за поединечни фази од работата на моделот на вештачка интелигенција.
Olix развива фотонски чипови, во кои податоците се пренесуваат преку светлина наместо преку електрични сигнали. Ваквата архитектура ја намалува латентноста при обработка на податоци и потрошувачката на енергија. Во исто време, се избегнува употребата на скапа меморија со висок пропусен опсег, еден од најголемите предизвици во индустријата денес.
Компанијата ги планира првите комерцијални пратки на своите чипови во втората половина на 2027 година.
Иако не работел во полупроводничката индустрија пред да го основа Olix, Дакомб верува дека искуството што го стекнал развивајќи фотонска технологија во CoMind би можело да му даде предност на неговата компанија во однос на многу поголемите конкуренти.
Како што неодамна изјави за Financial Times, постои голема економска вредност во развојот на чипови што можат брзо и евтино да извршуваат големи јазични модели за милиони корисници. Затоа, toj верува дека иднината им припаѓа на специјализираните силиконски, а не на универзалните решенија.
(Forbes)
(фото: Instagram)





























