Легализацијата на марихуаната за рекреативни цели во некои американски сојузни држави резултираше со создавање на мултимилионска индустрија, со проценки дека индустријата ќе достигне вредност од 50 милијарда долари годишно до 2026 година. Производите од марихуана варираат, а најновата иновација доаѓа од една винарница од Калифорнија која произведува вино од сортата „совињон блан“, кое е безалкохолно, но со марихуана.
Како што пишува New Atlas, од јануари 2018 година марихуаната ќе биде легална за рекреативна употреба во Калифорнија, но ќе има и одредени рестрикции. Имено, марихуаната нема да може да се комбинира со алкохол во еден производ или пак да биде продавана на места каде што се продава и алкохол. Но, затоа пак, марихуаната ќе може да се инфузира во производи како чоколадо, гумени бомбони итн.
Основачите на винарницата Rebel Coast, Чип Форсит и Алекс Хов, се одлучиле да произведуваат вино инфузирано со марихуана, со тоа што целосно ќе го отстранат алкохолот од вината.
„Ова е потешко отколку што замисливме, а не постојат книги или часови бидејќи никој го нема направено ова порано“ вели дуото.
Откако се обиделе и не успеале неколку пати, тимот на крај открил дека може да се произведе вакво вино од сортата „совињон блан“ со околу 16 мг марихуана во едно шише. Ефектот на марихуаната ќе биде благ бидејќи повеќето од државите дозволуваат да се консумира максимум 10 мг марихуана од порција.
„Сакавме да го постигнеме искуството кое го дава традиционалното вино. Неколку чаши вино да бидат доволни за да ви биде супер“ објаснува тимот.
Ова е производ кој ветува вкус на вино, ефект на марихуана, а ниту еден од непријатните моменти на мамурлак кој го создава виното. Шише вино веќе е достапно за нарачка од 60 долари, а истото ќе се доставува откако законот за легализација на марихуана ќе стапи на сила од 1 јануари 2018 година.