4 C
Skopje
недела, април 11, 2021

Да се купува половна облека од „Копче“ е одговорно и еколошко дело!

Kabtel desktop

Во мај годинава, во Скопје беше отворена првата продавница за половна облека на Црвен крст, наречена „Копче“. За концептот на „Копче“, кој значи да се обезбеди облека по поволни цени за оние со помали примања, да им се пружи шанса за вработување на маргинализираните и да се намали облеката која завршува во отпад, зборувавме со Марина Матеска, координаторка на Копче и стручен соработник за социјална и хуманитарна дејност во Црвен крст Скопје.

„Идејата да отвориме продавница за половна облека постои можеби од пред десетина години кога наши претставници го посетија Црвен крст на Германија и видоа како тоа таму функционира.  Црвениот крст на Германија има преку 300 продавници за половна облека, а за жителите таму е нормално да се купува ваква облека. Сакавме тоа да го пренесеме и овде во некоја форма и оваа година дојде моментот конечно да се отвори „Копче“. Минатата година се обучивме за социјално претприемништво и социјални бизниси по што почнавме со реализација на проектот. Постојат и други продавници за половна облека во Скопје, но „Копче“ е првата која функционира како социјално претпријатие“, раскажува Марина.

Бидејќи идејата ја имале долги години, од Црвен крст во последниве пет до шест години граделе капацитети, а биле склучени и соработки со некои компании преку кои се обезбедило уредување на просторот наменет за продавницата. Дополнително олеснување за заживување на концептот за социјално претпријатие за продавање на половна облека, претставувале и активните мерки за вработување на АВРМ преку кои „Копче“ вработи две лица од ранливи категории.

„Приходите кои се остваруваат од продажбите во Копче се наменети за одржување на проектот и тимот кој работи на проектот бидејќи за првпат во Црвен крст имаме луѓе чија работа се однесува исклучиво на собирање, превоз, селектирање, подготвување, дистрибуција и продажба на донираната облека. За брзо се надеваме дека приходите ќе се зголемат за да може дополнително да се набавува облека за којашто постои потреба кај најзагрозените категории на граѓани, а не ја добиваме преку донација“, вели Марина.

Зборувавме и за тоа колкава е всушност потребата од вакви продавници во Македонија, но и колку имаат граѓаните свест за донирање и купување од продавници за половна облека. Според Марина, во Македонија постои цела категорија на граѓани кои не припаѓаат на најранливите категории, туку се со ниски плати и не можат постојано да си ја обновуваат облеката која им треба за секоја сезона. Тие не бараат помош од Црвен крст, туку сакаат достоинствено да си купат облека со средствата кои ги имаат на располагање.

„Правевме истражувања на пазарот пред да ја отвориме продавницата, но проценките дополнително ни се покажаа како точни од досегашните искуства од отворањето на „Копче“. Во просек, околу дваесет луѓе влегуваат во продавницата на дневна база, а околу 50% од нив купуваат. Ова ни потврди само дека сме на добар пат.“

Реакциите на граѓаните се многу позитивни, а Црвен крст бележи и зголемување на донирањето облека од граѓаните иако, како што велат, отсекогаш имало многу донации на облека во Црвен крст. Инаку, облеката која се продава во „Копче“ е целосно од донации, а веќе има и донации од компании со кои склучиле соработка.

„Конкретно проектот „Копче“ го развивавме со поддршка од Алфа банка кои неколку години беа наши поддржувачи. Почнавме соработка и со Сава осигурување каде имаме поставено кутија за донации каде вработените редовно донираат облека од каде ние потоа ја подигнуваме. Наши поддржувачи се и Консалтинг Интер Груп, Олимпија Моторс Аутлет и Прима Оптикс. Во разговори сме и со други компании и иако сме релативно нови во ова, се надевам дека ќе се зголемува бројот на поддржувачи од страна на компаниите. Покрај продавницата, имаме разработено и план за работилници во кои ќе вклучуваме луѓе од ранливи категории кои ќе се грижат за облеката што ќе биде еден вид на работна интеграција, социјализација и стекнување навики. Во оваа, исто така преку донација, набавивме машини за шиење и професионална пегла за пеглање за да може одредена облека да се преработи или пренамени ако има потреба“, раскажува Марина.

Како тече процесот на подготовка на облеката за продавање?

Процесот велат дека е долготраен бидејќи првично, облеката ја добиваат на неколку начини и преку различни типови на донации. Откако ќе биде подигната или добиена, се носи на груба селекција во центарот на Црвен крст на Водно каде го одделуваат она што не е добро од она што е добро, здраво и сочувано.

„За жал, имаме многу граѓани кои донираат неупотребливи парчиња облека, односно околу 70% од целата облека која ја добиваме како донации е неупотреблива. После оваа селекција, облеката се носи на уште една селекција каде се одделува според возраст, пол, сезона на носење итн. Потоа дел се остава да биде доделено бесплатно на оние на кои им е потребна облека, а дел се остава за продажба во „Копче“.

Во Црвен крст имаат големи амбиции за иднината на „Копче“, па така, покрај донираната облека, сакаат да создадат и капацитети за производство на друг вид на производи со кои би покриле и некоја потреба која постои, како на пример чаршафи и постелнини кои се покажувале како многу потребни во институции за згрижување и некои клиники.

„Би сакале во иднина да имаме и мобилна продавница, односно комбе со облека од „Копче“ кое ќе патува до руралните средини каде исто така има потреба од облека. Се јавува и интерес за отворање на вакви продавници за половна облека и кај општинските организации на Црвен крст во другите градови и се надеваме дека ќе се најдат средства за да се прошири проектот“, вели Марина.

Копче“ воедно е и еколошки проект затоа што ја намалува количината на отпад на депониите и ја намалува побарувачката на нова облека, за чие што производство во некои земји се злоупотребува детски труд и се трошат многу ресурси, како вода и енергија. Продавниците за половна облека како што е „Копче“ поддржуваат работно интегрирање на маргинализираните, почитување на човековите права и пренаменување на облеката кон оние на кои им е најпотребна.

Продавницата „Копче“ се наоѓа во самиот центар на Скопје, а работи од од понеделник до петок од 9 до 19 часот и во сабота од 9 до 14 часот. Од Црвен крст велат дека е отворена можноста и за волонтирање во продавницата со што се придонесува кон поголема вклученост на граѓаните и транспарентност на проектот, како и за подигнување на свеста за волонтирањето.

(Пишува – Бисера Срцева)

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •