8 C
Skopje
сабота, ноември 23, 2019

#ИновативностЧита: Блокчеин револуција – како технологијата позади криптовалутите го менува светот?

Kabtel desktop

Блокчеин технологијата би можела да се прогласи и за светско чудо земајќи го предвид фактот дека целосно го револуционизираше не само светот на технологијата, туку помести цели индустрии и пазари. Оттаму и името на книгата која е предлог на #ИновативностЧита за неделава: Блокчеин револуција – како технологијата позади криптовалутите го менува светот од авторите Дон Тепскот и Алекс Тепскот.

Еднаш веќе пишувавме за книга со слична тематика која беше доста популарна, односно за книгата Ерата на криптовалутите, но овојпат решивме тоа да биде книга во која малку подлабоко се обработува технологијата на која се базираат сите криптовалути – блокчеин.

Еден од авторите, Дон Тепскот, пред околу триесет години бил првиот човек кој предвидел дека тогашниот новитет Интернетот, ќе стане глобална платформа за масовна соработка, а овојпат тој ги пренесува своите ставови за најреволуционерната технологија која е создадена после Интернетот. Како што ќе каже и самиот Тепскот, Интернетот е одличен за соработка и комуникација, но за жал не понуди решение кога станува збор за трговија и приватност.

Блокчеин технологијата од друга страна, ги одржува податоците на корисниците анонимни, а овозможува и беспрекорни трансакции помеѓу приватни лица без било какво мешање на банки или трети страни. Тој пишува дека блокчеин претставува систем кој самиот во себе има вградено доверба.

Авторот Ден Тепскот е еден од водечките авторитети во светот кога се работи за иновации, медиуми, како и економското и општественото влијание на технологијата. Во 2011 година тој беше именуван како еден од највлијателните менаџерски умови во светот од Thinkers50. Ова е поради фактот дека низ годините, тој смислил неколку концепти кои денес се неразделив дел од современата наука.

Книгата Блокчеин Револуција ја напишал со својот син Алекс Тепскот кој работи како финансиски аналитичар и е еден од најгласните авторитети по прашањето дали блокчеин навистина носи нова ера на функционирање во бизнисот, технологијата, финансиите, здравство, образование итн.

Извршниот директор на Google, Сатја Надела е еден од најголемите поддржувачи на книгава, за која изјавил дека „имала огромно влијание на еволуцијата на блокчеин технологијата во светот“. 

За книгава други критичари напишале дека е на некој начин водич за преживување и успевање во следниот бран на клучен технолошки напредок.

Блокчеин револуција ќе ви помогне подобро да го разберете светот на блокчеин технологијата, криптовалутите, како и сѐ она што нѐ очекува од светот на технологијата.

 

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •