Филимена Радоњанин, дизајнерка и сопственичка на македонскиот бренд за мебел Feydom во разговорот за Иновативност вели дека сите нивни проекти во своја основа ја имаат иновацијата, почнувајќи од бизнис моделот, принципите на работа, до крајните производи. Во нивните амбициозни планови за наредната година е Feydom да излезе од рамките на Европа, на пазарите во Дубаи и Австралија
Уникатните дизајни на македонскиот прозводител на мебел Feydom се вдомени во речиси 50 изложбени салони, од кои 20 монобренд продавници, во девет држави во Европа. Мултифункционалноста, практичноста, квалитетот и модерниот изглед се главните карактеристики на производите на „Фејдом“. Или како што вели дизајнерката и сопственичка Филимена Радоњанин во разговорот за Иновативност, сите проекти на кои работат во своја основа ја имаат иновацијата, почнувајќи од бизнис моделот, принципите на работа, до крајните производи. Во таа насока и нивниот креативен центар HOIOOOD, Куќа на 1.000 дизајнери, минатата година го отворија за сите креативни и иновативни дизајнери, кои имаат добри идеи и кои би работеле за да ги претворат во производ.
Радоњанин вели дека нивниот тим во Македонија брои 110 вредни мајстори кои произведуваат околу 30 гарнитури дневно. Во моментов плановите се на почетокот на наредната година Feydom да излезе од рамките на Европа, на пазарите во Дубаи и Австралија.
Г-ѓа Радоњанин, компанијата Feydom постои повеќе од 10 години. Кажете ни како започна вашата приказна?
Некаде во 2004/2005 година живеејќи на релација Сиднеј – Шангај, после долготрајна аналитична семејна дискусија со мојот сопруг и партнер, решивме во иднина да избегнуваме правење на компромиси при изборот на професијата и да се посветиме само на проекти во кои работата ќе ни претставува задоволство.
Архитектура, интериери, дизајн, беа области кои одсекогаш најмногу не привлекувале, така да изборот на дејноста беше прилично лесен. Она што следеше, а не беше толку лесно, беше совладувањето на разни препреки и предизвици за да научиме како нашите прилично амбициозни идеи да ги претвориме во стварност. За тоа не постоеше учебник ниту пак имаше кого да прашаме.
Приказната за HOIOOOD или Куќа на 1.000 дизајнери, како што ние го нарекуваме нашиот креативен центар, започна кога сфативме дека индустријата во денешниот свет воопшто не е структуирана на начин на кој креативните и иновативните луѓе би можеле едноставно да го валоризираат и реално да го наплатат својот труд. Изборот беше да станеме цртачи/продавачи каде што поголемиот број на луѓето од нашата бранша завршуваат, или пак да го прифатиме постојано несигурниот freelanse статус.
Ние решивме да се обидеме да создадеме нешто сосема ново: бизнис модел во кој иновативноста ќе биде еден од основните параметри за определување на вредноста на производот, а креативците ќе бидат тие кои ќе располагаат и управуваат со средствата и ресурсите на проектите.
Повеќегодишното искуство кое го имавме во претприемништвото и работа во разни области на три континенти, секако со помош на предходното образование во архитектурата, придонесоа за 12 години да успееме да креираме успешен пример за функционирање на моделот, а тоа е проектот Feydom.
[quote]Решивме да се обидеме да создадеме нешто сосема ново: бизнис модел во кој иновативноста ќе биде еден од основните параметри за определување на вредноста на производот, а креативците ќе бидат тие кои ќе располагаат и управуваат со средствата и ресурсите на проектите.[/quote]
Уникатните дизајни на мебел се ваш заштитен знак. Каде наоѓате инспирација?
Успехот и развојот на Feydom, како и сите други проекти на кои работиме многу малку зависат од инспирацијата, а и таа некако се појавува само после многу време поминато во посветена работа на детектирање, дефинириње и решавање на секојдневни проблеми. Од сопствено искуство можам да кажам дека доколку внимателно се постави проблемот и се дефинира тензијата помеѓу ”тоа што го имам” и ”тоа што го сакам”, решението на проблемот е прашање на време.
Дизајните на Feydom реално произлегуваат од условите во кои живеевме во Кина и во Австралија. Дневната соба ни беше и гостинска соба и работна соба и детска игротека и канцеларија и што се не. Постоечкиот мебел беше премногу статичен за таков начин на живот, а малкуте парчиња на мебел кои беа прилагодливи и го штедеа просторот беа или неквалитетни или прескапи.
Согледавме дека седечката гарнитура како најгломазен елемент, главно го дефинира интериерот на дневната соба се додека не се смени за нова, а тоа често може да потрае со години. Очигледно беше, доколку успееме да овозможиме трансформабилност на софата, дека тоа би овозможило секојдневно редизајнирање на целиот простор. Со јасно дефиниран проблем се фативме за работа, па програмата на Feydom ја направивме како решение како за нас така и за многу други семејства со сличен начин на живот.
Официјални признанија за квалитетот на дизајнот што го создаваме се наградите од German Design Concil, кои веќе неколку години по ред ги добиваме, а се вбројуваат во едни од најпрестижните награди за дизајн во светот. Меѓу нив се Interior innovation Design Award, German design Award, Iconic Award Interior Innovation…
Кои се желбите на купувачите кај нас, дали практичното или модерното парче мебел?
Ме радува фактот дека реакцијата на луѓето кога ќе се сретнат со концептот е многу позитивна, без разлика од кој дел на светот доаѓаат. Модерниот начин на живот се повеќе ги намалува разликите на секојдневните потреби на луѓето ширум светот, вклучувајќи го и нивниот животен простор. Kако се намалуваат квадратните метри на становите, и така нашиот мултифункциноален мебел станува се поинтересен. Македонија не е исклучок од тоа и тука се пласира од 10 до 15% од вкупното производство.
Сепак, домашниот пазар е премал за да може да иницира развој на сериозна индустрија, така да од самиот почеток производите се проектирани и изработувани за конкурентниот и прилично захтевен пазар на Европа.
Feydom е присутен на повеќе европски пазари. Колку е тешко една македонска компанија да биде конкурентна?
Бидејќи имав шанса да живеам и работам неколку години надвор од Македонија јасно ми е дека клиентите од Европа прилично сомнително гледаат на се што по потекло од овој дел на светот. Многу е тешко да се одлучат за купување доколку имаат домашен производ како алтернатива.
За воопшто да ги стават нашите производи во некаков избор, тие треба да бидат многу поиновативни, поквалитетни и во исто време поевтини од конкуренцијата. Можеби тоа не е секогаш лесно, но предизвикот е поставен и јасно е што треба да направиме.
Правите ли уникатни парчиња, колку иновативноста доаѓа до израз во креирањето мебел?
Сите проекти на кои работиме во своја основа ја имаат иновацијата и тоа важи за бизнис моделот, принципите на работа и за крајните производи. Иновацијата во програмата на Feydom најчесто се гледа во уникатните точки на продажба, односно карактеристиките според кои производот се разликува од останатите. За среќа ние имаме доста такви елементи. Главен иновативен момент на седечките гарнитури е можноста корисниците делумно сами и по свој вкус да си го дизајнираат мебелот бирајќи решенија кои одговараат на нивниот простор и услови, а сето тоа по достапни цени како за производи со масовно производство. Мотото под кое Feydom настапува на сите пазари е: „Креирано од дизајнери, за дизајнерот во секој од нас.“
Имате ли ваш омилен дизајн?
Категоријата „Омилен Дизајн“ е прилично субјективна и константно променлива. Основата на дизајнот пред се е во функцијата. Естетиката секако е добредојдена бидејќи е тешко да понудиш и продадеш нешто неубаво. Она за кое сериозно се обидувам да направам разлика е добриот и лошиот дизајн. За почеток, доколку треба да го препознаеме, добриот дизајн веќе се наоѓа во рацете на тие на кои е наменет, а лошиот се уште се обидува да личи убаво на некоја изложба.
Минатата година платформата House of 1000 designers ја отворивте за креативци. Имаше ли интерес од дизајнерите, дојде ли некоја идеја до реализација?
Минатата година нашиот центар за развој на производ, наречен HOIOOOD го отворивме за сите креативни и иновативни поединци кои имаат добри идеи и кои би работеле за да ги претворат во производ. Организиравме практична работа за студенти, организиравме неколку конкурси за дизајн на производ и неколку работилници со домашни и странски дизајнери.
Основната идеја беше да ги запознаеме дизајнерите со можностите кои ги нуди нашиот центар, како што се менторството за проекти за развој на производ, прототипна работилница опремена за работа со дрво, текстил, тапетарија и метал; фото и видео студио за изработка на промотивни материјали и секако сервис за подршка за претприемачки проекти преку кој наоѓаме начини и средства да ги финансираме развојот на новите идеи во производи.
Како резултат на тоа денес имаме веќе десетина млади луѓе со кои работиме на развој на различни проекти за кои постои реална шанса за извесно време да ја достигнат и надминат успешноста на Feydom. Иако секој од нас е одговорен за раководење со сопствениот проект, соработката која се развива овозможува брзи решенија на многу комплексни проблеми и што е најважно, многу позитивна енергија во работниот простор.
Мисијата на проектот е да створи услови во кои креативните и иновативните луѓе, преку учество во комплетниот процес на развој на идејата во производ, ќе ги совладаат вештините на успешно раководење со ресурсите и капацитетите на индустријата. Се надевам дека, еден ден креативните поединци ќе бидат во состојба да ја превземат водечката улога во заедницата, заради некоја повесела иднина за сите нас.