11 C
Skopje
петок, мај 29, 2020

Уникатните магични теглички, нов начин да спакувате подарок

Kabtel desktop

Безброј бои,  форми и ликови, за исто толку причини и поводи да можат да се одбележат со нив. Магичните теглички се нова форма во која многу впечатливо и уникатно можете да спакувате подарок. Зад нив стојат магичните раце на Софија Перковска, мајка на две дечиња, кои и` биле инспирација да започне хоби, кое полека се претвора во бизнис. Магичните теглички на нашиот пазар постојат година и половина, а интересот за нив секој ден е се` поголем. Од нив се гледа дека талентот и идеите на Софија се неспорни, иако таа никогаш предходно не се занимавала со уметност, цртање, сликање или ракотворби.  

Софија за „Иновативност“ ја раскажа приказната на магичните теглички. Посака, кај нас, рачната изработка да се цени повеќе, а луѓето како неа да добијат поголема шанса да ја пласираат својата изработка на домашниот пазар и во странство и да можат да живеат од својот труд.

Разговараше- Сања Наумовска

Софија, твоите магични теглички се вистинско освежување во сегментот украси и подароци кај нас. Како дојде до идејата да создаваш вакви изработки?

Виновникот за постоењето на магичните теглички е всушност Олаф, ликот од цртаниот филм „Фрозен“. Олаф беше, некое време, желба на мојата ќерка за мама да го направи, а мама ја исполни таа желба. Беше толку уникатно направен, што добив многу позитивни коментари. Следуваше и охрабрување од блиските да го искористам талентот што го имам, за среќа ги послушав и еве ги магичните теглички меѓу нас.

Јас сум човек кој секогаш сака да биде поинаков од другите, особено кога се работи за подарок, дали е тоа за роденден, свадба или друга пригода. И тука произлезе и желбата, наместо класични новогодишни пакетчиња, да направам новогодишни теглички, кои беа наменети за моите внуци како новогодишен подарок. И што се случи…изненадување огромно, интересно, уникатно, очиња весели, насмевки на сите страни, радости. Тоа беше пресудниот момент, дека треба посериозно да си го сфатам мојот талент.

 

За што се` можат да се користат магичните теглички?

Навистина сум пријатно изненадена за колку кратко време се појави толку голем интерес за нив. Иако на почетокот мора да признам беше тешко. Луѓето што дознаваа за нив, беа истовремено воодушевени и малку зачудени за што служат. Тегличките, всушност, се создадени со цел да избегаме малку од секојдневието. Вашето изненадување нека биде во спакувано во поинтересно и необично пакување. Тегличките се всушност амбалажа за подарок која е поинаква и уникатна. Верувајте, изненадувањето е големо, а подарокот има уште поголем ефект.

Изработките се во сите можни бои и варијанти, какви материјали користиш за украсување и каде ги набавуваш?

Ако ја искористите својата фантазија, магична тегличка може да направите од што сакате, чорапи, копчиња, украсни траки, стикери и друго. Морам да напоменам дека секоја тегличка што сум ја направила е нова, некористена и секој материјал што е користен е исто така нов. На почетокот, првите неколку теглички беа направени од рециклиран материјал, но кога интересот за нив се зголеми, тогаш веќе сѐ отиде во посериозна насока, со правење концепт како ќе се изработуваат и како ќе изгледаат до перфекција.

 

Каде и како набавуваш теглички?

Среќна сум што имам луѓе околу себе кои ме поддржуваат и мене и постоењето на магичните теглички, па ми излегуваат во пресрет со тоа што дел од репроматеријалите ми ги носат од странство. За некои се снаоѓам од тука, кај нас, но не е лесно, бидејќи кај нас пазарот е многу ограничен.

Колку време постојат магичните теглички, дали ти се само хоби или бизнис?

Магичните теглички постојат година и половина и иако почнаа многу скромно, како хоби, но како поминува времето интересот е се` поголем и можам да кажам дека веќе започнуваат да бидат бизнис.

Каква е побарувачката, дали може кај нас да се живее од рачни изработки?

За жал се` што е ново кај нас и е малку необично, тешко се се пласира. А мислам и дека рачната изработка не се цени доволно. Сите сакаме да е убаво, уникатно, интересно, а сепак да е евтино. А кога се работи за целење кон перфекција во изработката, за нешто што не е сериско производство, тогаш тоа чини, пред сѐ време и многу вложен труд. Морам да признам дека има исклучоци кои ја ценат идејата и уникатноста и кои сакаат да бидат поинакви од другите.

 

Дали ги продаваш само во земјава или и пошироко?

Магичните теглички сите што сакаат можат да ги најдат, погледнат и да прашаат сѐ што сакаат во врска со нив, на ФБ профилот или ФБ страната. Сега за сега останува се продаваат само кај нас, но здравје, јас сум трпелива личност, сакам работите да се одвиваат полека, но сигурно. Имам понуди за пласирање и надвор од нашата земја, но тоа ќе видиме како времето ќе покаже.

Колку време треба да се изработи една магична тегличка, од идеја до конечен производ?

За да се изработи една тегличка најчесто ми треба два до три дена. Прво мора да се осмисли изгледот што е и најтешкиот дел, па потоа почнува изработката. Конкретно, ако правам некој лик од цртаните филмови, прво го цртам, го сечам на мали парчиња и го склопувам, за да видам како би изгледало, да видам каде и дали треба корекции, за да се отслика најдобро што може ликот, па дури потоа го вклопувам со тегличка. Ако не се лажам, а досега не сум сретнала, мислам дека сум прва што изработува ликови од цртаните филмови на тегличка, било да е изработката на самата тегличка или на капакот од неа. Тегличките генерално ги правам сама, но ако се работи за поголема нарачка имам луѓе кои ми помагаат.

 

 

Дали  купувачите сакаат да учествуваат во идеите и дизајнот на тегличката што си ја нарачале?

Секако. Секој кој посакал магична тегличка има удел во нејзината креација. Магичните теглички не се секогаш изработени само по моја желба и визија, желбите најчесто се нивни, на купувачите, а јас само се обидувам (и досега мошне успешно) да ги исполнам. Има и нарачки без некоја посебна идеја, само навестување што се бара, па тоа е малку поголем предизвик, да се дојде до замислата на купувачот, да се создаде тегличката и да се погоди нивната желба. Морам да кажам дека имав клиенти кои ме предизвикуваа со интересни и мошне сложени идеи, за да видиме дали нивната замисла е воопшто изводливо да се направи на една магична тегличка. Резултатот, на мое и нивно задоволство е најчесто успешен.

Какви теглички најмногу се нарачуваат, дали тематски, за свадби и родендени….?

Магичните теглички за оваа година ипол од нивното постоење имаат редовни купувачи, без разлика за каква пригода се работи. Не можам конкретно да одвојам најмногу за што се бараат, бидејќи постојат за целиот период од годината, без разлика дали се тоа свадби, родендени, матурски, полуматурски, Велигден, Нова Година, Осми Март… Еве деновиве ќе започне и новата училишна година, па овие теглички се хит. Најважно е клиентите само да посакаат желба, а магичните теглички ќе ја реализираат.

 

За крај, колку чини да се изработи една тегличка?

Ова го работам со многу љубов и желба се разбира. За да имаат подобар успех и пласман кај нас, тегличките бараат многу време и внимание и посебно многу трпение. А, јас сум мајка и сопруга и сите обврски мораат да се сложат, да се усогласат. Тоа значи дека крајниот продукт чини многу време и многу, многу вложен труд, па искрено мислам дека цените на магичните теглички се коректни. Затоа што купувачот секогаш ќе добие нешто изработено со многу љубов, нешто што е уникатно и го нема никој друг освен тој.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •