„Магични раце“, мал бизнис со големи амбиции кој стартуваше со грант за самовработување!

- Advertisement -

Зоран Велкоски веќе втора година успешно го води и менаџира салонот за масажа „Магични раце“ во Скопје. Поддржан со грант за самовработување, ова лице со оштетен вид денеска веќе размислува во кој правец да го прошири својот бизнис и како да ја задоволи големата побарувачка за неговите услуги!

„На пазарот навистина има голема побарувачка за масерски и воопшто козметички услуги. Планот ми е во скора иднина да воведам новитет во понудата, мадеро-терапија односно масажа со помош на оклагии. Станува збор за масажа кога потекнува од Колумбија, а која веќе е доста популарна во соседството. Во Белград има центар за сертификација каде што планирам и да се сертифицирам за примена на овој тип на масажа“, објаснува Велкоски, кој применува медицинска, релакс и антицелулитна масажа.

Вели дека најголемата поддршка за стартување на својот бизнис ја имал од Програмата за самовработување за лица со попреченост, преку која пред две години го стартувал салонот.

- Advertisement -

“Грантот во голема мерка ми помогна да ја стартувам бизнис идејата која подолго време ја имав. Мојата предност на пазарот е што поседувам сопствен објект што во голема мерка ми го олеснува работењето. Сметам дека со дополнителна финансиска поддршка би можел да ги реализирам идните бизнис планови што вклучуваат проширување на дејноста со минии теретана, џакузи, сауна и солена соба. Со понуда на овие комплементарни услуги ќе можам да ја зголемам  понудата, да привлечам нови клиенти и да вработам нови лица“, зборува Велкоски за својата визија.

- Advertisement -

Програма за самовработување за лица со попреченост има за цел намалување на невработеноста и отворање на сопствен бизнис. Таа е дел од Оперативниот план на активни мерки и програми за вработување кој се спроведува од страна на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Се уште има отворени места во оваа Програма за 2018 година. Со истата кандидатите добиваат можност за самовработување и неповратен грант од 5.000 евра за набавка на репроматеријали и опрема потребна за основање на бизнисот, како и менторска поддршка.

Сподели!
- Advertisement -