За изградба на објектот Прилеска пиварница ќе вложи 3,5 милиони евра сопствени средства, а во него ќе се вработат 32 лица од различни профили и со различен степен на образование.

Според најавите од претседателот на УО на Прилепска пиварница Кирил Самарџиоски, се очекува објектот да биде готов до крајот на годинава и во него да се вработат од 30 до 35 лица од непосредната околина.

– Земјиштето на кое се гради објектот беше земјоделско земјиште кое го купивме од приватни сопственици. Сите кои ги прашавме за совет ни рекоа дека ќе ни треба најмалку една година за да се пренамени во градежно земјиште. Сепак, кога отидовме кај градоначалникот на општина Гази Баба тој ни рече завршете ги започнатите процедури за купопродажба, а за најмногу два месеца ќе добиете градежна дозвола. Така и се случи, рече Самарџиоски.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев порача дека секој ден кога нешто се гради за него е празник, бидејќи, како што рече, само така може да се развива економијата на државата.

– Прилепска пиварница за 10-тина години двојно го зголеми производството и практично направи добра показна вежба како се брендира производ и како се позиционира компанија. Нивната нова инвестиција е во функција на индустријата, а не на градежништвото, бидејќи објектот што се гради треба да овозможи поголем пласман на нивните производи, рече Анѓушев.

Тој нагласи дека трговијата, земјоделството, индустријата и градежништвото се главни генератори на раст на БДП и додаде дека единствен и најстабилен критериум за раст на БДП е индустријата, зашто дава долгорочен резултат.

– Краткорочен позитивен импакт на БДП има градежништвото, но доколку проектите се нефизибилни, прави долгорочни проблеми ако нема како да се вратат парите. Оваа Влада ќе биде посветена само на физибилни проекти. Посебно важно е ако градежништвото се заснова на приватни проекти каков што е овој, и затоа без никаква резерва ќе ги поддржуваме и охрабруваме да настануваат, потенцира Анѓушев.

Најави дека економскиот тим на Владата ќе го разгледа проблемот со акцизата на пивото и ќе се обиде да најде решение во интерес на сите.

Градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски порача дека нивната визија е општината да биде индустриски најразвена во земјава и додаде дека новиот објект на Прилепска пиварница е од исклучителна важност за локалната екномија, но и како порака за наредните вложувања.

– Како општина и понатаму ќе бидеме верен партнер на сите идни домашни и странски инвеститори кои ќе сакаат својот бизнис да го пласираат и прошируваат на наше тло, а со тоа директно ќе влијаат на развивањето на општината и на намалувањето на невработеноста, рече Георгиевски.