Како што информира Здружението на сомелиери на Република Македонија кое е организатор на настанот, покрај дегустации на вино, предвидени се и дегустации на различни домашни и увозни сирења, сувомесни производи, маслинови масла, како и едукативни работилници и предавања од домашни и странски експерти, комбинирање (спарување) вино и храна, ексклузивна гала вечера,…

-„Винодонија 2018″ е клучниот момент за препознавање на Македонија како вински регион. Овозможува претставување на виното на елегантен и културен начин на кој се промовира трудот на винариите и нивните вински приказни. Форматот на настанот нуди можност во пријатна атмосфера да се научи и дознае нешто повеќе за виното директно од неговите создавачи, а преку тоа се развива винската култура и перцепција кај нас винските љубители. Ова е и одлична шанса винските љубители да добијат одговори на сите прашања за виното и во интерактивна атмосфера да разменат искуства и мислења со винариите и останатите гости, велат од Здружението.

Првиот и вториот ден Салонот ги отвора вратите за посетителите од 13:00 до 19:00 часот. Билетите може да се купат на влезот на хотелот „Мериот” каде ќе се одржува манифестацијата по цена од 490 денари за секој ден посебно. Со билетот е предвидена дегустација на над 300 квалитетни вина, закуска од над 10 гастро изложувачи, како и можност да се ужива во амбиентот за кој е задолжен професионален музички бенд.