Со новиот закон за фитофармација поголема контрола на употребата на пестициди во земјоделството

- Advertisement -

Поголема заштита на земјоделските производи, дополнително регулирање на користењето пестициди и примена на безпестицидни мерки, предвидува новиот закон за фитофармација што помина на владина седница

Како што соопшти Министерството за земјоделство, првпат се дозволува законска употреба на живи организми во борба со болести и штетници (инсекти и други животни кои се хранат со штетниците на растенијата) кои не ја загрозуваат животната средина. Се регулира и се дава можност за употреба на овие живи организми на т.н минорни култури, како магдонос, аспарагус, морков, лук. За овие култури досега не постоеше соодветна заштита од болести и штетници, поради што земјоделските производители трпеа огромни штети.

Дополнително се регулира и работењето на земјоделските аптеки и се воспоставува законска основа за континуирано следење на безбедноста на храната и храната за животни во целосен ланец во растителното производство.

- Advertisement -

Со предложениот текст, првпат се спроведува сертификација, обука и полагање државен испит на советниците и лицата вработени во земјоделските аптеки, со што се гарантира стручноста на кадарот.

Се забранува и продавање опасни хемикалии кои се користат како фитофармацевтски производи во земјоделските аптеки. Се става ред во слободната трговија на ЛАНЕТЕ и други пестициди со кои се трујат домашните миленичиња и бездомните животни. Се креираат нови бази на податоци и се зголемува довербата во македонските производи, од аспект на безбедност и квалитет.

- Advertisement -

„Првпат се врши регистрација на фитофармацевтски производи кои се одобрени за употреба само во земјите членки на ЕУ, а се регистрираат и производите дозволени за употреба во органското производство со што се дава директен стимул на ова производство во Македонија. Се спроведува законско следење на пестицидите од граница до земјоделски производител преку интегриран информатички систем за купување и употреба на пестициди од сите чинители во системот“ наведуваат од Министерството.

(Нова Македонија)

Сподели!
- Advertisement -