13.7 C
Skopje
среда, ноември 20, 2019

Платформата за е-книги на „Книготека“ ќе ja доближи светскaта литература до македонските читатели

Kabtel desktop

Главна активност на македонската компанија „Книготека“ е креирање на готови апликативни решенија наменети за дигиталната издавачка индустрија. Тимот составен од дизајнери, администратори и технолошки експерти, постојано го следи развојот на новите технологии во оваа област. Покрај платформата наменета за издавачи, изработена во соработка со софтверската компанија „Семос“, „Книготека“ работи на иден развој и на едукативен менаџмент систем, наменет за образовни иституции, што ќе нуди дистрибуција на учебници и стручна литература, курсеви, тренинг програми итн. Неодамна, „Книготека“ најави дека развива и софтверска платформа за производство, продажба и дистрибуција на електронски книги, што беше поводот „Иновативност“ да поразговара со Марија Ичокаева, раководител за административно и комерцијално работење

Разговараше- Сања Наумовска

„Книготека“ најави дека развива софтверска платформа за производство, продажба и дистрибуција на електронски книги. Објаснете ни подетално за што се работи.

Следејќи ги светските дигитални трендови и развојот на дигиталното издаваштво, развиваме софтверска платформа за продажба на електронски книги, што ќе им овозможи на издавачите од целиот свет да креираат сопствена и брендирана дигитална книжарница. Платформата е составена од две основни компоненти, првата е Back office или позадинска канцеларија, преку која издавачите ќе ги објавуваат, продаваат и целосно ги менаџираат своите изданија, овозможувајќи им да креираат целосна, независна маркетиншка и финансова политика. Втората компонента ја сочинуваат апликации за читање на десктоп и на мобилни уреди. Најважно од сѐ е тоа што електронските книги се чуваат и дистрибуираат во криптиран формат, со што е оневозможено неавторизирано користење и нелегална дистрибуција на содржината.

Какви бенефити ќе добијат потенцијалните издавачи со користење на ова решение?

Развојот на дигиталната технолошка индустрија и потребата за искористување на интернетот, како алатка и медиум за продажба на електронски книги, први ја препознаа неколку големи технолошки е-комерц гиганти, кои развија сопствени продажни дигитални платформи, создавајќи ја големата петорка агрегатори Amazon Kindle, Nook, iBooks, Google Books и Kobo, која располага со 91 отсто од светскиот пазар за продажба на електронски книги. На тој начин илјадници издавачи од целиот свет, кои се соочуваат со рапидно пропаѓање на традиционалниот начин на продажба книги преку сопствените книжарници, се принудени своите дигитални изданија да ги продаваат преку монополот на големите агрегатори под исклучително неповолни услови.

Увидувајќи го овој очигледен јаз помеѓу потребата на издавачите за брза преориентација од традиционалната кон електронска книга, ја искористивме можноста за надградба на нашата постоечка платформа, што беше изградена за потребите за формирање на бесплатната дигитална библиотека „Македоника“, со создавање уникатно дигитално решение. Спроведените истражувања на пазарот говорат дека слични сеопфатни решенија нема, а комбинирањето на повеќе одделни компоненти до кои може да се дојде во готов пакет би била многу комплицирана и прескапа инвестиција за секој поединечен издавач.

А, што ќе значи оваа платформа за љубителите на книги, какви можности ќе добијат?

Љубителите на книги, покрај тоа што ќе имаат можност да читаат електронски книги на својот мајчин јазик, за цени многу пониски од печатените изданија, ќе добијат и исклучително квалитетно читачко искуство. Нашиот читач се развива во насока да биде рамо до рамо со најголемите светски читачи, како Амазон и Кобо, со низа функционалности како подвлекување и додавање белешки во текстот, пребарување во книгата по одреден збор или фраза, прилагодување на текстот и фонтот по големина, поврзување со дигитален речник, Google и Wikipedia, прилагодување на позадината во текстот и др. Читателите ќе имаат можност да се најават со својот профил и да ги читаат купените електронски книги на три уреди, мобилен телефон, таблет, персонален компјутер или лап топ. Пребарувањето на книгите во дигиталната книжарница е брзо и едноставно, со можност да се филтрираат по жанр, автор, најнови, најстари, најпродавани итн. Најголем бенефит за читателите е можноста во било кое време, каде и да се наоѓаат, брзо и лесно да ги купуваат и читаат омилените електронски книги.

 

Какви се плановите на „Книготека“, откако ќе биде изработен софтверот? За кои пазари ќе биде наменет?

По изработката софтверот ќе биде пласиран на светскиот пазар, со посебен фокус на земјите од Југоисточна Европа, чии јазик и писмо не се поддржани во дигиталните книжарници на петте големи агрегатори, поради што не се во можност да го користат тој дистрибутивен канал. Поради тоа, издавачите од овие држави се принудени да бараат алтернативни решенија.

Досега „Книготека“ соработуваше со неколку македонски издавачки куќи за креирање агрегатор за продажба на електронски книги во Македонија, што ќе започне со работа во текот на годинава. Исто така, со српската издавачката куќа „Лагуна“ имаме склучено договор за создавање заедничка дигитална продавница што ќе биде агрегатор за електронските книги од сите издавачи во оваа држава.

За реазлиација на овој проект соработувате и со Фондот за иновации преку проектот за поддршка на микро, мали и средни претпријатија. Кажете ни повеќе за ова!

Исклучително сме благодарни што Фондот за иновации ја препозна и финансиски ја поддржа нашата иницијатива за развојот на ваков тип на производ. Проектот што го спроведуваме, во соработка со Фондот, покрај поддршката за развој на самиот производ, има за цел да ја зајакне и прошири организациската поставеност на компанијата со нови вработувања, како и да овозможи успешен комерцијален и маркетиншки настап на светскиот пазар.

Апликацијата „Македоника“ е исто така дел од „Книготека“ и е најголемата е-библиотека на македонски јазик и нуди избор на голем број дела од македонски автори. Од кога постои и како функционира?

Една од основите причини за равој на софтверот за читање беше токму реализација на апликацијата за бесплатно читање „Македоника“, што ја лансиравме во 2013 година. Основањето на Фондација „Македоника“ е поттикнато од идејата за дигитализирање, архивирање и промовирање на делата од автори од сите периоди на македонското книжевно творештво. Нашата благородна мисија ја реализираме преку реализација на проекти од областа на културата и образованието, а како најзначајни до сега би ги истакнале проектите за промоција на млади автори поддржани од Меѓународниот фонд за развој на културата на УНЕСКО и програмата Цивика Мобилитас.

Преку реализација на досегашните спроведени активности, бесплатната библиотека на Фондација „Македоника“ има објавено повеќе од 1.000 дигитални наслови што се достапни на повеќе од 48.000 редовни читатели.


Каков е интересот и вкусот на македонските читатели?

Објавените дела на „Македоника“ се читаат во огромен број, а интересот е голем, особено од помладата популација и нашинците кои живеат во дијаспората. Како најчитани книги на нашиот сајт можеме да ги издвоиме класиците и лектирите за основно и средно образование, што досега се прегледни преку 3.000 пати по книга.

Извонредната страна на нашиот софтвер е тоа што овозможува детален преглед на извештаи за преземени и прочитани книги по корисници со детални демографски податоци што ни користат за целокупното работење.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •