6.5 C
Skopje
четврток, декември 12, 2019

За македонскиот детски лик „Биби“ се интересираат големи регионални медиумски куќи!

Kabtel desktop

„Биби“ е еден од најкреативните и најпозитивни ликои кои се појавија на македонската јавна сцена минатата година. „Биби“ зборува убав литературен македонски јазик, ги описменува дечињата, промовира културно однесување… Проектот „Биби“, според Иновативност, е еден од најпозитивните и најкреативни проекти во Македонија во годината што измина. Како дојде „Биби“ во светот на нашите деца и како ќе се развива во иднина разговараме со Жарко Стојаноски, коосновач на Факултети.мк

Разговараше- Верица Јорданова

Идејата за почнување еден ваков проект доаѓа токму од нашите деца. Достапноста на интернетот, а со тоа и достапноста до секакви содржини што не се на македонски јазик беше една од најголемите причини да размислуваме за ваков проект. Во секојдневието често пати сме сведоци како децата несвесно го заменуваат мајчиниот јазик со другите странски јазици само поради тоа што во дигиталната сфера не постојат во доволна мера забавно-едукативни содржини на македонски јазик.

Идејата за „Биби“ ја имавме уште од 2014 година. Беа потребни околу 4 години во кои поминувавме низ повеќе фази, размислувавме, анализиравме, ги правевме главните концепти и финансиски конструкции потребни за почнување еден ваков проект. Во тој период, покрај сите тековни активности поврзани со Факултети.мк, паралелно работевме на таа идеја, а од почетокот на 2018 година почнаа и првите продукциски активности. Така почна и „Светот на Биби“ !

За да се направи еден ваков квалитетен и сеопфатен проект кој вклучува детски цртан филм, сликовница, музика, видеоигри.., неопходен е тим. Кој е тимот што стои зад Биби?

Тимот што го формиравме се состои од вкупно 30 врвни професионалци докажани во сферата на своето работење. Главен иницијатор и поддржувач на проектот е Факултети.мк. Креативен директор на целиот проект е еден од најдобрите светски илустратори – Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, режисер е Гоце Цветановски, сценарист е Билјана Црвенковска, Биби ја толкува актерката Слаѓана Вујошевиќ, а Боби – еден од нашите најдобри актери, Сашко Коцев. Покрај нив, во целиот процес се вклучени и редакциите на Факултети.мк и  Деца.мк.

Она што е очигледно е дека Биби промовира литературен македонски јазик, современо и културно однесување, авантуристички и креативен дух… Кои се Вашите замисли и цели – какви вредности сакате да поттикнете кај дечињата?

Со „Светот на Биби“ сакаме да поттикнеме високи вредности кај дечињата. Кога велиме високи, сметаме на вредности релативни за детската возраст, а тие се: да ја чуваат природата, да ги почитуваат возрасните, да се грижат за себе, да имаат здрави навики. Биби ќе ги учи како да се однесуваат со своите другарчиња, како да ги надминат кавгите, да се извинат, да им помагаат кога ќе биде потребно…

Најважно од сè – како Биби се спријатели со децата? Дали полека станува дел од нивниот живот?

„Азбуката на Биби“ е првата анимирана азбука на македонски јазик и за многу кратко време ги освои детските срца. Едноставно децата ја засакаа уште при првото појавување. Уште во фазата на развој добивавме позитивни реакции од нашите најблиски, знаевме дека првиот производ ќе има успешен почеток. Во меѓувреме работевме и на печатена верзија, сликовницата „Светот на Биби од А до Ш”, а масовната популаризација на азбуката ни беше потврда дека сликовницата ќе стане дел од детските домови.

Во изминатиот период работевме и на анимирани детски сказни – „Сказните на Биби“, новогодишната песничка „Трепкај, трепкај елкичке“, организиравме неколку настани на кои децата имаа можност да ја запознаат Биби во живо, да се дружат и да пеат со неа. На таа првична средба со ликот на Биби децата што присуствуваа беа пресреќни, превозбудени, а за нас, како продукција, тоа беше потврда дека Биби е прифатена и мотивација за поголеми идни чекори.

За овие неколку месеци постигнавте голем успех на македонскиот пазар. Изразете ни го низ бројки!

Во моментов она што е изразено во бројки и може да биде мерливо се посетите на официјалниот јутјуб-канал Биби/Bibi ,  околу 1.200.000 прегледи реализирани за 3 месеци, како и целосно распродаден почетен тираж од 2.000 сликовници за истиот временски период. Со секој нов производ очекуваме бројките да растат.

Децата се познати по тоа дека постојано бараат нешто ново. Како Биби ќе го задржи вниманието на публиката во следниот период?

Покрај споменатите форми, работиме и на платформа за мобилни уреди. Платформата е колекција од едукативни и забавни игри со ликот на Биби и е наменета за деца на возраст од 2 до 8 години. Во развојот на оваа платформа, покрај техничкиот момент, го запазуваме и социјалниот момент, а тоа е ограничување на времето достапно за игра во текот на денот. По истекот на времето апликацијата се заклучува и ќе биде достапна за користење наредниот ден. Со овој вид рестрикција сакаме да ја намалиме зависноста на децата од мобилните уреди. Ова е еден од новитетите што планираме да бидат достапни во наредниот период. Паралелно работиме и на нова сказна, која ќе биде промовирана кон крајот на месецот. Тука од особена важност е да се напомене дека работиме и на анимирани верзии од азбуката и сказните достапни за лица со пречки во говорот и слухот.

Со оглед на капацитетите и амбициите на тимот што стои зад проектот Биби, несомнено е дека таа ќе добие и меѓународна популарност. Кои се следните чекори?

Моментално главниот фокус ни е Македонија. Свесни сме за фактот дека работата со продукција не е воопшто наивна и евтина, па затоа сме рационални и реални во идните проекции. Оваа година очекуваме сериозно да ги зацврстиме темелите на овој проект, да го прошириме тимот, да продуцираме повеќе мултимедијална содржина, едноставно да бидеме присутни во секој сегмент од животот на децата. Во однос на меѓународна популарност, во оваа фаза и не размислуваме премногу, но популарноста кај нас најверојатно не останува незабележана од регионот, па така имаме ситуации кога големи регионални медиумски куќи покажуваат голем интерес за трансфер на целиот проект во нивната држава.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •