Скопје наскоро на неколку фреквентни локации во центарот ќе добие улични библиотеки. Детскиот културен центар – Карпош распиша Конкурсот за избор на три идејно – обликовни и архитектонско – урбанистички предлог решенија за улични библиотеки и за нивна реализација во главниот град, објави build.mk.

Установата под ингеренции на Градот Скопје е предвидено да додели главна награда во бруто износ од 120.000 денари за авторот што ќе достави најсоодветен конкурсен труд најдоцна до 7 март.

- Advertisement -

Како најзначајни критериуми што ќе влијаат при изборот на победничкото идејно решение се отпорноста на предложените материјали на надворешни влијанија, еколошкиот пристап при оформувањето на решенијата, изводливоста и ниската цена на чинење на изведбата, иновативност, впечатливост и оригиналност на архитектонскиот израз.

Повеќе детали за распишаниот Конкурс може да се пронајдат на Електронскиот систем за јавни набавки.

- Advertisement -

По завршувањето на конкурсот и изборот на најсоодветното идејно решение, ДКЦ Карпош ќе спроведе постапка за изработка и поставување на избраните проекти на фреквентни локации во центарот на Скопје.

„Покрај тоа што истите би претставувале урбани репери, нивната функција ќе произлезе од намерата за популаризација на книгата и нејзините неприкосновени вредности“, се наведува во распишаниот Конкурс.

- Advertisement -

(Радио МОФ)