33 C
Skopje
четврток, јули 2, 2020

Половина од младите работат на места за кои се преквалфикувани и земаат помала плата

Kabtel desktop

Секој втор млад човек во земјава работи на работно место за кое е преквалификуван, зема помала плата од онаа што би ја земал ако е на соодветното работно место, а има и покусо работно време, покажа истражувањето на „Фајнанс тинк“ за „подвработеноста“ во земјава.

Младите се најизложени на „подвработеноста“, термин кој допрва ќе се употребува при креирањето политики за вработување во земјава. Како што појаснуваат од „Фајнанс тинк“, за подвработени се сметаат лица кои  работат помалку од 35 часа неделно, а имаат желба да работат повеќе. Притоа се преквалификувани за своето работно место, имаат несигурна работа и неформални договори, а земаат и пониска плата. Истражувањето се однесуваше на три држави.

„Резултатите покажаа дека подвработеноста негативно влијае врз платите кои ги земаат вработените, а особено ранливи се младите лица, дека во земјава младите се најизложени на овој феномен во споредба со врсници од Србија и Црна Гора. Младите подвработени заработуваат за 14,3 проценти пониска плата од оние кои се на соодветна позиција“, истакна Благица Петревски, од „Фајнанс тинк“.

Притоа, најизложени на подвработеност се младите кои имаат високо образование, се жени и потекнуваат од рурална средина.

„Од аспект на искуство, може да забележиме дека младите кои се на соодветно работно место се многу поискусни во однос на подвработените млади, што индицира на фактот дека оваа категорија на подвработеност се појавува многу почесто кај младите кои се на самиот почеток на својата кариера и токму тука треба да ги адресираме политиките“, посочи Петрески.

Даниела Зампини, од Меѓународната организација на трудот, истакна дека освен за бројот на невработени млади лица, треба да бидеме загрижени и за квалитетот на работата што тие ја имаат.

„Ние не слушаме многу за подвработеноста (како проблем) бидејќи овие луѓе веќе имаат работа, а постои  поголем проблем со оние кои воопшто немаат работа“, посочи Зампини.

Дона Костуранова, од Фондацијата за демократија Вестминстер, укажа дека младите не знаат што е подвработеност, прекаријат, работнички права. Оттука, забележува, долгиот период на чекање за прво вработување, комбинирани со високата стапка на невработеност и економија што споро се развива, не нудат голем избор за младите.

„Излегуваме од образовниот систем подготвени да изрецитираме дефиниција, или можеби да решиме текст со четири понудени одговори, но многу помалку со вештина да знаеме како да изработиме нешто од нула, или како да креираме нешто“, укажа Костуранова.

Дијана Десподов од Американската стопанска комора пак истакна дека имаме постои парадоксална ситуација во земјава, подвработеност и невработеност од една страна, наспроти недостиг на соодветен кадар, од друга страна.

„Тука има неиспегланост на понудата и побарувачката. Кадри кои не му се потребни на приватниот сектор“, изјави Десподов.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во текот на дискусијата насловена „Високообразовани, а нископлатени: Вработеност на младите“, го презентираше делот од Оперативниот план за 2019 година којшто е посветен на Младинската гаранција и на практиканство.

„Главна цел на Владата е да создаваме повеќе и поквалитетни работни места. Младинската гаранција е една политика која што оваа Влада ја воведе како единствена земја на Балканот која што не е ЕУ членка со цел да ја вратиме довербата на младите лица во институциите, во Агенцијата за вработување, но исто така и да ги поврзаме младите со работните места коишто се нудат “, посочи Царовска.

Истражувањето на „Фајнанс тинк“ е работено во Македонија, Србија и Црна Гора, на примерок од 4.227 лица. Според широката дефиниција, во Македонија се подвработени 57% од младите, во Србија скоро 61%, а во Црна Гора 68%.

(РадиоМОФ)

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •