21 C
Skopje
вторник, август 11, 2020

Славјанка Пејчиновска-Андонова: Најголема опасност за нашето здравје се 16 локации во земјава со опасен отпад

Kabtel desktop

Интервју со м-р Славјанка Пејчиновска-Андонова, инженер за животна средина за порталот Бизнис Регулатива , кој е дел од Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива. Таа ја модерираше минатонеделната инфо-сесија за третман на отпадот во земјава организирана во соработка помеѓу стопанските комори и Холандската Амбасада 

 Автор – Верица Јорданова 

Како ја оценувате состојбата со третман на отпад во земјава? 

Мојата генерална оценка е дека состојбата со управувањето со отпад е сеуште на многу ниско ниво и далеку од европските и светски практики на одржлив развој и циркуларна економија кон која се стреми развиениот свет.

Не успеавме сите заедно да го селектираме отпадот на местото каде го создаваме (било тоа да е во нашиот дом, на работното место или во нашиот производен процес) што е првиот чекор во правилното управување со отпадот. Многу е ниска стапката на селектирање на отпадот кој потоа се рециклира (хартија, стакло, пластика) и изнесува околу 8-10% од вкупниот комунален и неопасен индустриски отпад. Но, што е со другиот отпад кој може да се собере и рециклира, како на пр. отпадните гуми, текстилниот отпад, итн? Недостасуваат континуирани акции за подигнување на јавната свест дека секој од нас треба поинаку да се однесува кон отпадот, има недоволен број на садови за одлагање на различни фракции на отпад (техничка инфраструктура наменета за отпад), недоволна екипираност на јавните претпријатија одговорни за управување со отпадот, отсуство на инспекциски надзор поради ограничени ингеренции на локалната самоуправа и лимитирана кадровска екипираност.

Треба постојано да се зборува за отпадот како суровина и истовремено да се нагласи дека отфрлањето на отпадот на несоодветно место доведува до загадување на воздухот (многу лесно може да се запали), на почвата и реките и езерата. Потребни ни се добри примери и практики на правилно управување со отпадот, негови повторно користење, рециклирање, но и можност да се вгради во нов производ, а остатокот да се искористи како енергенс.

Со оглед на тоа дека сте експерт за животна средина, дали и во која мерка третманот на отпад во земјава е закана за животната средина? Кој отпад конкретно е закана за животната средина?

Ако зборуваме за ризиците кон животната средина и здравјето на луѓето, се разбира дека најголем ризик претставува несоодветното одлагање на опасниот отпад кој е опасен бидејќи има една или повеќе опасни карактеристики (експлозивност, реактивност, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, токсичност за репродукција, екотоксичност итн.). Да спомнам само неколку од нив: отпад од нафтени деривати, отпад од инсектициди, пестициди, оловни, живини соединенија, соединенија на никел, кадмиум, ПОПс хемикалии, електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори и др.).

Секој од нас треба да се запраша: Што ќе се случи ако го помешаме опасниот отпад со комуналниот и го ставиме во контејнер чија содржина оди на депонија? На пример, отстрануваме кантичка со масло, боја, или азбестни табли во контејнерот кој завршува на депонијата.

Со тоа директно ги загадуваме почвите, подземните води, реките, езерата и воздухот.

Во светот, но и во нашата земја, на опасниот отпад му се посветува посебно внимание токму поради својствата кои ги поседува, а кои кажуваат какви негативни влијанија може да предизвика на животната средина и на човечкото тело. Моменталната состојба со третман на отпад во земјата претставува голема закана за животната средина бидејќи на цела територија постои само една стандардна депонија Дрисла во Скопје каде во инсенератор се согорува медицинскиот отпад од сите медицински установи во државата.

Според мене најголема опасност во однос на загрозување на животната средина и нашето здравје претставуваат 16 идентификувани жешки точки – жаришта како контаминирани локации на територија на цела држава каде се одложени големи количини на опасен отпад кој со децении е несоодветно одложен и со текот на годините ги контаминира почвите (преку дистрибуција на тешки метали), површинските и подземните води, како и воздухот преку дистрибуција на прашина. Мора да се реагира брзо, ефикасно и да се превземат краткорочни мерки (на пример покривање на некои депонии со опасен отпад за да се минимизира неговото пренесување во воздухот или покривање на отпадни дрвени прагови премачкани со крезол за да не се загадат подземните води) се додека трајно не се решат проблемите.

Овие контаминирани локации треба да бидат третирани според утврдена динамика и приоритет од страна на државата.

Третманот на електронски отпад е доста актуелна тема. Како се третира овој отпад во земјава и кои се клучните предизвици? Дали во овој сегмент се неопходни некои законски измени?

Согласно истражувањето на Global E-waste Monitor 2017, светот во 2016 година генерирал е-отпад (вклучувајќи фрижидери, телевизори, мобилни телефони, компјутери, микробранови печки, играчки кои користат електричен погон, индустриска мониторинг опрема, машини за кафе и др. опрема) еднаков по својата тежина на скоро 9 Големи Пирамиди од Гиза или 4.500 Ајфелови Кули. Експертите предвидуваат дополнителен раст на количина на е-отпадот  од 17 %, што значи до 2021 година ќе се создадат 52,2 милиони тони отпад. Само 20% од генерираната количина е собрана и рециклирана иако во овој тип на отпад има големи количини на злато, сребро, бакар, платина, паладиум и други вредни материјали.

Просечно, секој граѓанин на светот генерирал по 6,1 кг е-отпад. Најголеми создавачи се жителите на Австралија и Нов Зеланд (17,3 kg/жител од кои само 6% се формално собрани и рециклирани), а жителите на Европа (вклучувајќи ја и Русија) создаваат 16,6 kg/жител. Истовремено, Европа има највисок степен на собирање и рециклирање (35%), додека жителите на Африка генерираат 1,9 kg/жител е-отпад.

[quote]Просечно, секој граѓанин на светот генерирал по 6,1 кг е-отпад, а најголеми создавачи се жителите на Австралија и Нов Зеланд[/quote]

Македонскиот просек е околу 9 кг/жител е-отпад, но за жал мал е процентот на собран и рециклиран е-отпад посебно од другите видови на отпад и истиот завршува на депониите.

Отпадот од електрична и електронска опрема во себе содржи голем број на ретки метали, но исто така содржи т.н. POPs (перзистентни/неразградливи органски соединенија) хемикалии кои се опасни хемикалии и долгорочно остануваат непроменети во животната средина, географски лесно се дистрибуираат, се акумулираат во масното ткиво на луѓето и животните и изложувањето на многу ниски дози на некои од нив може да предизвика рак, оштетувања на централниот и периферниот нервен систем, болести на имунолошкиот систем, заболувања на репродуктивниот систем, пореметувања на развојот на доенчињата и децата.

Но, ова не значи дека електричната и електронска опрема е опасна за секојдневна употреба, не, овде зборувам за отпадот.

Во Македонија електронскиот отпад се управува на начин што се врши негово собирање од страна на регистрираните колективни постапувачи за овој тип на отпад: “Нула Отпад”, “Ел Колект” ДОО увоз-извоз, “Екон Eлектрон” ДОО, “Електро Еко Систем”. Колективните постапувачи имаат свои пунктови на кои може да биде депониран отпадот (Ве молам погледнете во Вашата општина каде се наоѓа тој пункт или јавете се директно во овие компании).

И за електронскиот отпад е потребно да се подигне јавната свест за да не биде присутна појавата на одложени електронски уреди покрај садовите за одлагање на комунален отпад.

Согласно моите сознанија, во тек е постапката за донесување на нов Закон за управување со електрична и електронска опрема и отпад од електрична и електронска опрема и се надевам дека досегашните недостатоци ќе бидат земени предвид.

 Што според Вас е најпроблематично во третманот на текстилен отпад?

Сегашната пракса во Македонија во однос на управувањето со текстилниот отпад се сведува на неселектирање на местото на создавање (текстилните погони во источна Македонија) собирање од комуналните претпријатија и негово финално одлагање до локалните депонии. Ова е најнеповолно во однос на животната средина, бидејќи текстилниот отпад и текстилните влакна можат повторно да се искористат како суровина за добивање на текстил, изолациони материјали, градежни материјали, итн. За создавање на ново парче облека повторно ќе се користи енергија, суровини, вода и бои, а сето тоа влијае врз животната средина и негативно врз ресурсите.

Еден пример за можност за реупотреба на текстилниот отпад е изработка на заштитна работна облека од рециклиран текстил. Животниот век на заштитната облека која се користи во здравствениот сектор или санитарните услуги изнесува околу 18 месеци и на тој начин огромна количина на заштитна облека оди на депонија. Истражувачки тимови работат на создавање на влакно од 100% рециклиран полиестер од кое би се изработувала работна облека која не само што ќе биде јака, добро ќе изгледа, достапна , но и многу поважно повеќе ќе трае.

Иновативни тимови од цел свет заедно со индустријата работат на создавање на нови производи од рециклиран материјал или пак размислуваат за повторно искористување на отпадот.

Важно за отпадот од текстил е да се размислува за еко дизајнот на текстилот, подолга употреба, е-употреба, рециклирање, користење како можно гориво и на крај одлагање на депонија. Кај нас за жал, целиот отпад од текстил, а го има над 9.000 тони годишно, оди на депонии.

Преку законски и царински прописи можат да се отворат големи можности за компаниите кои работат со отпад или индустрии кои можат да го примат како суровина или новосоздадени компании, но и дизајнерски фирми кои би можеле да помогнат во подоброто управување со отпадот од текстил.

Како експерт од областа на животната средина Вие сте поборник за примена на концептот на “цирклуларна економија“. Може ли да ни кажете за што точно станува збор и како истиот би можел да се примени во Македонија?

Циркуларната економија е насочена кон заштеда на ресурси, енергија, создавање дополнителна вредност, поздрава и почиста животна средина, отворање на нови работни места, подобрување на конкурентноста на производите на пазарот и остварување зголемен профит кој води кон одржлив развој на современото општество.

Но, истовремено, новиот концепт на циркуларна економија подразбира и промена на однесувањето на потрошувачите кон користењето на производите, нивно рециклирање и сервисирање со цел да го продолжат животниот век на производот.

Моделот на циркуларна економија се заснова на долговечност, обновливост, повторна употреба, сервисирање, надградба, реновирање, делење на капацитет и дематеријализација. Овој концепт води кон социјално и еколошки балансирано одговорно општество (одговорност од тие кои произведуваат, но и тие кои користат).

На пример: Холандска фирма лансира модна колекција заедно со пејачот Фарел Вилијамс  направена од 33%-61% пластика собрана на плажите низ светот. Идејата е од отфрлената пластика да се произведе влакно кое би се користело во текстилната индустрија за производство на модни парчиња облека од џинс. Друг пример е како од рециклирано текстилно влакно (100% рециклиран полиестер) би се изработувала работна облека која не само што ќе биде јака, добро ќе изгледа, достапна , но и многу важно повеќе ќе трае.

Повеќе приери може да видите на:

https://www.sitra.fi/en/projects/interesting-companies-circular-economy-finland/#latest

https://www.cdenviro.com/news/2018/july/the-top-5-examples-of-circular-economy-in-the-uk-right-now

http://www.wrap.org.uk/sustainable-textiles

Размислувањето за циркуларна економија е фантастично!!! Инспирирајте се од фантастичните примери.

А каде сме ние?

Голем потенцијал во нашата земја претставува комуналниот и индустрискиот неопасен отпад кој 90% се депонира без да се изврши негова реупотреба – употреба на корисните фракции на отпадот. Овој факт надополнет со финансиска поддршка на иновативни решенија за нови производи претставува предизвик на кој во иднина е потребно да се посвети особено внимание. Ваквиот пристап ќе обезбеди неколку придобивки: намалени количини на депониран отпад, заштита на животната средина, отворање на нови работни места, продолжен век на производот/суровината/отпадот и враќање на отпадот како суровина во производниот процес и заштеда на ресури.

За жал, се уште сме на линеарниот модел: земи/искористи и острани/депонирај.

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •