-6.2 C
Skopje
вторник, јануари 25, 2022

Израелски научници го направија првото 3Д печатено срце во светот со човечко ткиво

Kabtel desktop

Научници од Израел го претставија првото 3Д печатено срце во светот направено од човечко ткиво и крвни садови. Ова е огромно достигнување во медицината кое ќе ги зголеми опциите за трансплантација на органи. Научниците се надеваат дека еден ден ќе можат да произведат срце готово за трансплантација, како и ткива кои ќе може да се регенерираат заболените срца.

Срцето кое го направија израелските научници од Универзитетот на Тел Авив е големо колку срцето на еден зајак. Ова е прв пат некој успешно да испечати цело срце со сите клетки, крвни садови, комори и преткомори. Научници и претходно печатеа 3Д срца, но без клетки и крвни садови.

Израелските научници велат дека има уште многу предизвици додека не направат срца кои ќе бидат целосно функционални и ќе може да се всадуваат во пациенти. Сега научниците треба да ги научат 3Д печатените срца да работат како вистинските. Клетките на печатеното срце сега не можат да контрахираат. Тие планираат за една година отсега да направат срце кое ќе може да се пресади во некој животински модел.

„Можеби за десет години отсега во секоја болница во светот ќе има 3Д печатач со кој ќе се печатат органи по потреба и овие процедури ќе станат рутински“ додаваат научниците. Но, според нив, болниците веројатно би почнале првин со печатење на поедноставни органи.

Според податоците на Светската здравствена организација, кардиоваскуларните болести се причина број 1 за смрт во светот, а трансплантацијата на срце засега е единствената опција за пациентите кои се во многу лоша состојба, но бројот на донатори на органи е ограничен и многу луѓе умираат додека чекаат ново срце. Сепак, дури и да им биде пресадено срце, се случува телото да го одбие новиот орган.


Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!