Во вилата Дихово под Пелистер нема ценовник, гостите плаќаат онолку колку што уживале!

- Advertisement -

„Дојди како гостин, а замини си како пријател“, е мотото на домаќините во вилата Дихово, која лежи во шумите под Пелистер. Старата камена куќа, околу која се протега огромно зелено пространство, прошарано со разнобојни цвеќиња и децениски дрвја е парче од рајот што семејството на Пеце Цветковски го отвори за туристи од целиот свет. Сите си заминуваат пресреќни, полни со позитивна енергија, мир, задоволство и нови искуства. Престојот во природа е исклучително закрепнувачки и за душата и за телото, а гостопримството на Пеце и целото негово семејство е нешто што го паметат целиот живот.

Пишува: Сања Наумовска

„Кај нас престојот нема цена. Плаќа секој колку што смета дека треба да плати, толку колку што уживал. Мене ми е важно да заработам за да можам да ги покријам основните трошоци, сѐ друго зависи од задоволството на гостите“, вели домаќинот Пеце Цветковски и нагласува дека досега не се случило некој да не плати.

- Advertisement -

Куќата е стара неколку генерации, над 90 години, сопственост на семејството Цветковски. Пеце, кој е поранешен фудбалер, по завршувањето на активната спортска кариера, започнал со нејзино реновирање. Од тогаш, изминативе 11 години, нивното гостопримство го доживеале туристи од нашата земја, но многу повеќе од Европа, најчесто од скандинавските земји, но и од сите други континенти во светот, од Еквадор, Панама, Мексико, па до Јужна Кореа, Јапонија, Австралија, САД, Канада….Конекција со странските туристи најчесто им се светските страници за туристичко рекламирање, а вилата Дихово последните седум години соработува и со туристичка агенција од Сиднеј, Австралија.

- Advertisement -

„Туристичката агенција има одлична тура низ повеќе балкански земји, како Хрватска и Грција, а село Дихово и нашата вила се дел од турата. Туристите тука отседнуваат неколку дена, дегустираат домашна храна, пијат вино во подземната винарска визба, ја доживуваат природата на Пелистер, па продолжуваат понатаму. Нема некој што си заминал незадоволен“, раскажува Пеце.

- Advertisement -

Како резултат на добрата реклама, вила Дихово беше забележана и од странските медиуми како National Geographic, Lonely Planet и Yahoo Travel. Реномираниот туристички водич на Lonely Planet „Скриена Европа“ го препорача Дихово меѓу 50-те непознати дестинации за мирен одмор.

Престојот во селото воопшто не е здодевен. На странците толку многу им се допаѓа амбиентот што досега тука се одржале и четири свадбени свечености. Минатата година, вели Пеце, имало свадбари од Јужна Африка и од Боливија, а предходно од Шкотска и од Германија.

Гостите можат во градината на вилата да си наберат органски зеленчук и да си подготват салата или оброк. Дел од намирниците се набавуваат и од локалните производители, па се зајакнува целата заедница. Домаќинот Пеце ги гости и со домашна ракија, вино и пиво, кои самиот ги произведува. Оброците се подготвуваат според желбите на гостите, па може да се појадува и напладне, ако така сакаат. Домаќините подготвуваат домашни џемови и слатка, одгледуваат секаков зеленчук во бавчата, а за ручек се готват најпознатите македонски традиционални рецепти како мусака, полнети пиперки, гравче тавче, макала. Времето на сите им е максимално исполнето, а има многу скриени убавини кои чекаат да бидат откриени.

 

„Туристите може да шетаат во националниот парк Пелистер со лиценциран водич, да ги изодат историските патеки од Првата светска војна, да ги посетат манастирите, водопадите или Пелистерските очи. За другите, пак, зеленилото и пространството во дворот на вилата Дихово е на располагање во секој момент. Да се одмора со книга, сам или во друштво е еден од изборите за време на престојот под Пелистер“, објаснува Цветковски.

Посебна атракција е кратката едукација за пчеларење во пчеларник во Дихово. Туристите, во заштитни одела поминуваат еден цел ден таму и можат да се запознаат со основите на одгледувањето пчели, да дегустираат вистински природен мед, да видат како се вади прополис или полен, а можат да добијат и апитерапија, корисна за алергии, астма или слични состојби, што всушност значи дишење воздух од пчелините сандаци.

Вилата е на само 4,5 километри од центарот на Битола, се наоѓа во шума, покрај река, на петнаесетина минути од скијачките терени на Палистер. Пеце вели дека нивните гости се најчесто оние луѓе кои од својот одмор очекуваат мир и тишина од една, а авантура од друга страна. Никој од нив не очекувал луксуз, туку природа и дружење, и тоа го добиле.

„За разлика од големите ресорти, кај нас секогаш организираме заедничка вечера за сите гости, да се запознаат, да се дружат, па се случувало од кај нас да продолжат да патуваат заедно, а и да се развијат долгогодишни пријателства“, објаснува тој.

Сподели!
- Advertisement -