7.4 C
Skopje
недела, февруари 23, 2020

Диме Стојчевски: Иновативен туризам со ретро Буби!

Kabtel desktop

Дали знаете дека недоволно истражените места во Македонија може да ги посетите со прекрасни ретро Буба автомобили и да доживеете незаборавни мигови? И самата бев пријатно изненадена кога налетав на оваа иновативна, необична и уникатна понуда. Така всушност го запознав Диме Стојчевски, еден од шесте основачи на The Beetles Club, кој за Иновативност ја раскажа оваа уникатна туристичка приказна

Пишува – Верица Јорданова

The Beetles Club е нова, свежа и уникатна идеја за истражување на  убавините на Македонија, склопена во различни туристички понуди.  Организираме комплетни авантуристички активности каде што клучниот фокус е ставен на возење со Волксваген Буба. Возењето на овој култен олдтајмер предизвикува чувства на носталгија кај повозрасните, а возбуда кај помладите. Неговиот култен дизајн и уникатно ретро доживување се нашиот кличен адут.

The Beetles Club постои од неодамна. Нашето мото е дека сме подготвени за освојување на комерцијалните и на неистражените делови од нашата земја на поинаков начин. Преку организирање еднодневни и повеќедневни тури на домашните и странски туристи им ја покажуваме Македонија од поинаква перспектива. Покрај посета на одредени локации, во нашите тури вметнуваме и пропратни активности како: возење со планинарски велосипеди, кајаци, СУП, придружба од професионални  туристички водичи, параглајдинг, возење со кросови итн. Понудата е скроена по мерка на желбите на клиентите.

Концептот е поинакво доживување на Македонија од стандардните тури кои се нудат на пазарот, со тоа што за туристите ќе биде навистина незаборавен спомен од нашата земја и одлична забава помината во олдтајмер.

Шестмината љубители на Буба и основачи на The Beetles Club

Кој стои позади оваа уникатна идеја и како всушност таа се роди? 

Позади оваа идеја стои тим од шест личности, секој задолжен за различни  аспекти од нашата идеја и развој на истите. Целта идеја се роди од  љубовта кон олдтајмер Бубите. Сакајќи да го споделиме тоа уникатно  чувство на возење со Буба, како некогаш нашите дедовци, ретро, без  серво волан, клима или електронски прозори, спиење во шаторче на некоја недостижна локација, како на пример Караџица, Бегово Поле и различни планински и селски локации кои придонесуваат кон една целокупна авантура.

Приказната започна со една Буба, а понатаму се преточи во некој вид на колекционерство. Кога дојдовме до бројка од повеќе  Буби, желбата да се сподели оваа возбуда и со другите прерасна во бизнис идеја за организирање на уникатна туристичка понуда.

Со колку Буби располагате и кои се понудите кои ги имате за заинтересираните љубители на авантури? 

Во моментот располагаме со шест Буби, сите различни, сите посебни. Имаме две генерални понуди: обиколка на Охридско езеро и тура низ Скопје.

Секако, со оглед на многубројните атрактивни локации низ Македонија, стоиме  на располагање за организирање на персонализирани тури и активности со Бубите, како и организирање на целосно осмислени тим билдинг активности за компаниите и нивните вработени.

Каков е досега интересот? За што најмногу се заинтересирани Вашите клиенти?

Досега генералниот интерес од странство е за најпознатите локации  како Скопје, Охрид, каде што и ги нудиме нашите првични понуди. Со развој на нашата понуда ќе воведеме и нови, понекомерцијални места за посета.

Корисници на услугите на The Beetles Club се носталгичните повозрасни лица кои нивната младост ја поминале во патувања со спуштени прозорци и  максимална брзина од 80 километри на час, при што уживаат во вистинското задоволство да  се потсетат на скапоцените денови од нивната авантуристичка младост, и младите кои во најголем дел не ни искусиле возење во ваков ретро автомобил.

Дали соработувате со агенции, тур-оператори итн? Како ја ширите 
вашата приказна? 

Нашата приказна ја шириме преку соработка со хостели, туристички  агенции и оператори кои нудат локален туризам. Овој уникатен концепт за развој на туризмот би бил освежување на постоечките понуди на агенциите.
Следен фокус ни е зголемување на понудата на тури во рурални места преку посета на селата и помалку истражените локации низ Македонија. Сакаме да формираме соработка со локалните села за комплетирање на приказната на The Beetles Club и заедничко кроење на понуди за посетителите. Со ваков заокружен и партнерски пристап сите ќе бидат задоволни, а најмногу туристите!

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •