Кабтел веќе неколку години редум одржува обуки и работилници на тема “Заштита на децата од опасностите на интернет”, како поддршка на ОН Конвенција за правата на децата, која првенствено се однесува на правата на децата за заштита од насилство и дискриминација, заштита од штетни и несоодветни содржини, заштита на приватноста, како и правото на слобода на изразување и достапност на информации кои се значајни за детскиот развој, правото на квалитетно образование, игра, слободно време и културни активности, во реалниот, но и во дигиталниот свет.
Една од сесиите се одржа минатата недела во СОС Детското село. Целта на предавањата и работилниците е промовирање и практикување на бенефитите од безбедна употреба на интернетот и социјалните мрежи, но и препознавање на различните форми на дигитално насилство и превенирање на истото. Обуката од страна на Благоја Кондратјук, инженер за ИКТ решенија во Кабтел, беше наменета за децата и младите од различна возрасна категорија, но и за згрижувачите во СОС Детското Село, на кои Коце Јовчевки, бренд менаџер за ИКТ решенија во Кабтел им одржа посебна обука за софтверските апликации за контрола и надзор на содржините со кои доаѓаат во контакт децата.
Кабтел во таа пригода, на згрижувачките семејства им подари лиценци Kaspersky Safe Kids, софтвер кој овозможува мониторинг на комуникациите на децата на социјалните мрежи, смс пораките на андроид уредите, заштита од пристап до несоодветни на веб-страници, содржини и апликации, информација за локацијата на која се наоѓаат децата, како и контрола на времето поминато на интернет.
Интеракцијата и задоволството од обуката очигледно е обострано, со молба истото да се повтори во скоро време за оние кои не беа во можност овој пат да учествуваат”