-2.7 C
Skopje
вторник, декември 1, 2020

Ларс Олофсон: шведскиот Прио старт-ап за една година инвестираше во десетина македонски компании

Kabtel desktop

Менаџмент консултантите од Шведска, Ларс Олофсон (Lars Olofsson) и Нина Јансдотер (Nina Jansdotter) се косопственци на Прио старт-ап, компанија која постои четири години и работи на инвестиции и бизнис развој со фокус на стартап компании. Тие поседуваат големо искуство како претприемачи во спроведување организациски развој, дизајн и развој на бизнис концепти и во менаџирање на компании, а од минатата година работат и на македонскиот пазар.

Олофсон и Јансдотер за Иновативност го објаснија нивниот уникатен модел на инвестирање, кој трае најмногу 18 месеци, во кој придонесуваат и со едукација и тренинг, менаџмент алатки и дизајнирање на бизнисот во концепт со интернационални димензии и раст.

Разговараше – Сања Наумовска

Може ли да ни објасните што конкретно работи Прио старт-ап?

Еден од основните проблеми на старт-ап компаниите насекаде во светот е фактот дека тие најчесто не се во позиција да платат високо квалификуван консултант кој би им помогнал да го развијат својот бизнис. Нивните потреби се многу високи, но ресурсите им се многу ограничени. Тоа беше нашата појдовна точка, наместо да им наплаќаме на старт-ап компанитте регуларна консултантска такса, да земеме удел во компанијата за сето знаење кое ќе го вложиме во неа.

Пред неколку години решивме да пробаме и да видиме како би изгледал таков вид рано инвестирање. Ги истраживме статистичките податоци кои ни беа дотогаш на располагање за тоа колкав е повратот на инвестициите и дојдовме до фактот дека само еден од десет стартапи му ги враќа парите на инвеститорот, а останатите се загуба. Тогаш откривме  дека компаниите во кои инвеститорите не се само партнер во сенка, туку учествуваат како одреден вид систем за поддршка, само четири отсто немале добар бизнис концепт или тимот зад компанијата не бил доволно обучен. Тоа ни покажува дека само мал процент од компаниите навистина немале шанса за успех, а од друга страна стои фактот дека девет од десет не успеваат на пазарот. Тоа е навистина голема разлика меѓу тие што се навистина неуспешни и оние што не ни добиле шанса.

Ги анализиравме тие 86 отсто. Што им се случува кога имаат добар бизнис концепт и систем за поддршка, едуцирани и способни сопственици и од кои причини не успеале? Заклучивме дека една од главните причини за неуспех е долгиот временски период од стартот на компанијата до моментот кога ќе излезат на пазар со конкретен производ или услуга. Тоа е опасно, бидејќи на пазарот постојано има конкуренција, без разлика на уникатноста на бизнис концептот, на светот секогаш има најмалку уште еден човек кој ја има истата идеја и можност побрзо да ја развие. Брзината е навистина клучен фактор за успех. Многу технолошки компании размислуваат дека првенствено треба да го усовршат приозводот пред да го пуштат на пазарот. Ние сметаме дека  треба во многу порана фаза да се види фидбек од потрошувачите и од пазарот. Одете на пазар со производ кој е доволно добар, видете го мислењето на потрошувачите, а заработените пари инвестирајте ги во подобрена верзија на производот. Тоа е нашата клучна стратегија. Процесот на развој на бизнисите на Прио старт-ап ги содржи сите овие елементи, со кои сметаме дека ќе се намали ризикот од неуспех. Секако, ќе има компании кои нема да успеат, но бројката нема да биде девет од десет. За некоја година ќе имаме и нови статистички податоци за анализирање, па ќе видиме колку сме биле во право.

Врз основа на кои критериуми Прио старт-ап одлучува во која компанија ќе инвестира?

Имаме две важни барања за старт-ап компаниите во кои би инвестирале кои се специјализирани во најразлични индустрии. Ние бараме бизнис концепт кој првенствено мора да може да расте и да има интернационален потенцијал и второ да може да се вклопи во Прио стартап процесот за поддршка, кој е брз. Ние ги обврзуваме компаниите во период од 12 до 18 месеци и сакаме да соработуваме со компанија која ќе ни дозволи да имаме излез по година ипол. Тоа значи дека не сме заинтересирани за компании кои работат во индустрии во кои, од различни причини. треба многу време да се развијат производи.

За сите кои ги исполнуваат овие два услови, ние сме потенцијално заинтересирани. Во нашето портфолио има компании кои работат на ДНК технологија, вештачка интелигенција, со соларна и ветерна енергија итн.

Како се одлучивте да дојдете во Македонија и да го истражувате македонскиот старт-ап пазар?

Тоа, всушност, беше случајно. Предходно бевме лоцирани во Скандинавија и пред околу една година одлучивме дека сакаме да го прошириме пазарот. Случајно, во тој период запознавме една Македонка, која ни зборуваше за големиот потенцијал на овој пазар. Така, пред околу половина година дојдовме за првпат, а веќе пред летово очекуваме да имаме финализирано договори со 11 или 12 компании од Македонија. Една од нив, на пример, работи на комплетно нов дизајн на производство на енергија од ветерот, со нов концепт на ветерна турбина. Зад компанијата има и интересна приказна, се работи за повозрасен човек од внатрешноста, кој нема соодветно образование и  сите пресметки ги направил самиот на хартија, нема ниту компјутер, но е неверојатно инвентивен. Пет од компаниите развиваат вештачка интелигенција, една финансиска технологија….

На кој начин направивте проценка дека овие концепти се технички соодветни и реални и колкав е вашиот удел во компаниите во кои инвестирате?

Ние не сме инженери, туку експерти за бизнис развој и имаме мрежа на професионалци- научници кои технички ги тестираат идеите. Дизајнот на ветерната турбина беше тестиран во Шведска, а нашите експерти ни потврдија дека во него има потенцијал. За една од македонските компании со кои сме подготвени да соработуваме, се уште ја чекаме верификација, но очекуваме да биде револуционерна иновација бидејќи идејата е неверојатно напредна. Бевме навистина изненадени од тоа што не дочека во Македонија, со оглед на тоа дека доаѓаме од Шведска, земја каде што има многу high-tech компании.

Со портфолиото на овие 11- 12 компании веќе може да увидиме дека четири или пет можат да бидат unikorns, компании кои можат да имаат вредност од над милијарда долари.

Што се однесува до уделот, нашето учество е од 20 до 30 проценти. Тоа зависи од компанија до компанија и секогаш е различно. Инвестираме на два начини, првиот е исклучиво финансиска инвестиција, која се движи во просек до 100.000 долари, и е наменета за истражување, напредок, купување услуги и друго, а вториот е нашата експертска услуга која во просек се движи меѓу 400.000 и 500.000 евра. Постојат и случаи во кои имало потреба да донесеме и друг инвеститор, како тивок партнер, кога сме имале потреба да ја осигураме инвестицијата и да го поделиме ризикот и тие инвестиции може да одат и до три милиони евра.

Главната стратегија на Прио е во период од 18 месеци што повеќе да ја зголемиме вредноста на нашиот удел и да ја продадеме компанијата. Постојат повеќе можности за наш излез од стартапите во кои имаме удел. На пример да ги продадеме на некој голем инвестициски фонд, бидејќи тие се заинтересирани за готови, веќе оформени концепти, кои веќе имаат купувачи и можност да напредуваат, за да направат нов чекор на инвестиции, бидејќи големите фондови не инвестираат помалку од три или пет милиони долари.

Втората можност за излез е кога основачите на компанијата веќе немаат потреба од инвеститор и можат самите да напредуваат, па тие си ги откупуваат повторно уделите. Третата стратегија за бизнис излез е кога некоја голема корпорација е многу заинтересирана за технологијата и ја купува целата компанија, па ние, заедно со основачите излегуваме од бизнисот. Во Македонија и во регионот имаме и за други начини на излез, на пример преку Берзата или нашиот удел да го понудиме на crowdfunding кампања како на пример Funderbeam.

Како, после неколку месеци работа, го гледате потенцијалот на пазарот во Македонија?

Изненадени сме од нивото на софистицираност на бизнис идеите, од технологоијата и знаењето и на претприемачите, кои ги оценивме како многу вредни и едуцирани. Многу се иновативни и имаат одлични идеи. Планираме во идниот период да започнеме и посебни pitch настани, сакаме да соработуваме со сите инкубатори и акцелератори и мислиме дека на овој пазар има доволно стартапи, за да не мора да се натпреваруваме, туку да соработуваме. Ќе организираме и предавања на универзитетите и за бизнис ангелите како да инвестираат во стартапи, а ќе организираме и посета на шведски бизнисмени на неколку македонски ИТ компании. Во иднина планираме Македонија да биде наша база за ширење во регионот, имаме планови во следните месеци за нови соработки и во фаза сме на градење регионална мрежа за експанзија во околните држави.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •