12.9 C
Skopje
недела, октомври 20, 2019

Ова е македонскиот експертски тим кој направи платформа за заштита на компаниите од перење пари

Глобалниот пазар, во современите услови на функционирање на компаниите, им е достапен на сите, вклучувајќи ги сите негови предности и опасности. Ризикот од соработка со сомнителни клиенти и потенцијалните опасности од перење пари и финансирање тероризам се закана за секоја компанија и институција. Едно од решенијата за надминување на овие ризици го има компанијата Citechsuite, која работи од 2017 година.

За платформата Metricity и за нејзините можности разговараме со првиот човек на компанијата Александар Велков. Тој објаснува дека тимот, составен од софтверските инженери Никола Кусибојовски и Симеон Здравески,  Билјана Секуловска и Магдалена Малезанска кои доаѓаат од банкарскиот сектор,  техничкиот лидер Драган Захариев и Бојан Поп Трајков, сака своето искуство да го преточи во софтверски продукт. Визија им е да постават стандард за справување со финасиска измама.  Metricity – Know Your Client, посочува Велков, е првиот продукт, а во план се уште три, Transaction Monitoring, Reporting Module и Regulatory Compliance Module!

Александар Велков

Г-дин Велков, објаснете ни подетално какво решение е платформата Metricity?

Metricity е софтверско решение кое врши анализа на ризик од перење пари и финансирање тероризам, врши верификација на клиентот и при тоа овозмoжува усогласеност со Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам (ЗСППФТ). Metricity е направена за субјектите кои се обврзани да ги преземаат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам согласно ЗСППФТ, за компаниите кои сакаат да внесат повисоки стандарди во своето работење и да се осигураат дека лицата со кои соработуваат нема да го изложат нивниот бизнис на дополнителни ризици.

Како клиентите можат да ја користат платформата?

Пристапот до Metricity е преку брза и едноставна регистрација на онлајн платформата, а клиентот откако ќе се регистрира ја одбира опцијата фактори на ризик, селектира периодични проверки на меѓународни црни листи и ембарго страни и сето тоа во рок од една до две минути му овозможува да почне да го користи Metricity. Сите кои го користат Metricity можат да ги внесат своите клиенти рачно, да ги импортираат преку фајл или да ги повикаат нашите адаптери за размена на податоци т.н „API интерфејси“. Системот генерира предупредувања доколку недостасуваат податоци за клиентите, доколку има потенцијално совпаѓање со лице на меѓународни или црни листи, доколку некој клиент е проценет како ризичен од аспект на перење пари, доколку има одредени сомневања во врска со клиентите. Системот нуди механизми за намалување и за менаџирање на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам, со цел да ја намали ранливоста на бизнисот од овие ризици. Metricity во овој момент е достапен на македонскиот пазар, а во 2020 година софтверот ќе биде достапен и глобално.

Која е вашата иновација што ги привлекува клиентите на Metricity?

Metricity претставува т.н „SaaS – Software as a Service”. Што значи тоа? На малите и средните компании и субјекти им нудиме услуга AML- Одговорно Лице, преточено во Metricity. Наместо да вложуваат во регрутирање нови вработени, како и тренинг на тие вработени, овие компании ќе го користат Metricity за таа потреба и ќе го намалат трошокот. Во цената за користење на Metricity е вклучена и обука. На големите фирми и субјекти кои законски се обврзани да имаат оддели за спречување на перење пари им нудиме услуга АМЛ- Оддел, преточен во Metricity. Одделот има увид како се пресметува проценката на ризик од перење пари за клиентите и соработниците и во исто време вработените во Одделот ќе можат сами да креираат и подесуваат свои индикатори за ризик без да имаат познавање од програмирање.

Кои се предностите за компаниите од користење на Metricity?

Компаниите ќе го користат Metricity преку месечна претплата, што значи дека ќе имаат месечен трошок, а нема да имаат потреба од стартна инвестиција, што е случај кога набавуваат друг софтвер. Дополнително, овој принцип значително го намалува периодот до започнување со користењето на софтверот, а на клиентите им се нуди и техничка поддршка и воведна обука. Metricity е достапен од било кој уред и од било кое место во светот сè што треба е интернет конекција. Сите клиенти на компаниите и субјектите имаат автоматски генерирано ризичен профил (низок, среден и висок) по првичната регистрација и во секое време може да се прегледа или да се испечати како извештај. И на клиентите им овозможуваме директен пристап до Metricity преку „Client App“, што ќе им го олесни процесот на компаниите при целосна верификација на нивните клиенти. За лица кај кои ќе се утврди висок ризик, се нудат механизми за намалување на ризикот, кои се дел од засилената анализа преку Metricity.

Кои се ризиците доколку компаниите не се усогласени со позитивната регулатива против перење пари?

Регулаторот предвидува парична казна за овие компании, како и за самите одговорни лица во компаниите. Репутацискиот ризик е присутен и тој може негативно да влијае на бизнисот во целина. Секојдневно сме сведоци на случаи кога негативната репутација уништува цели компании. Доколку пак некои компании и субјекти едноставно сакаат да работат само со веќе познати клиенти, а новите и непознати клиенти кои се ризични ги одбиваат, тоа може значително да им влијае на профитот. Ние нудиме решение и за тие клиенти.

 

Соработувате и со ФИТР и со УКИМ акцелераторот. Кажете ни нешто повеќе за таа поддршка.

Аплициравме на повикот „Стартапувај“ од ФИТР, во рамките на Инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“. Вкупната вредност на проектот 35,219 евра, со тоа што 15 отсто од тие средства претставува сопствено ко-финансирање. Преку УКИМ акцелераторот влеговме во акцелераторска програма која траеше осум недели. Целата на таа програма беше да го приспособи продуктот и идејата за продуктот за претставување пред потенцијални инвеститори, и на крајот на самата програма имаше демо ден, каде сите компании кои бевме дел од програмата ги претставивме своите продукти пред потенцијални инвеститори.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •