0.7 C
Skopje
среда, јануари 22, 2020

„Марвик“ е нов македонски сладолед со парчиња и сируп од домашно овошје

Kabtel desktop

„Марвик“ сладоледите и десертите веќе три години ги разладуваат и засладуваат македонските потрошувачи. Oвој нов, растечки бренд на македонскиот пазар е дело на семејството Трајковски, а името на брендот е кратенка од имињата на децата Мартина и Виктор. Желбата да се содаде одржлив бизнис кој ќе го продолжат децата, било пресудно Ане и Благојче да одлучат да инвестираат во ваков вид производство. Мартина е пред завршување на Економскиот факултет, а од самиот почеток, пред повеќе од три години, занаетот го пече во погоните на „Марвик“. Познавајќи го целиот работниот процес во фабриката, таа може да го пополни било кое работно место, но и да размислува за идниот развој на нови производи и слатки вкусови.

Приказната за растот и предизвиците на овој македонски бренд за Иновативност ни ја раскажува Мартина Трајковска.

За почеток, раскажете ни како дојдовте на идеја да стартувате производство на сладолед?

Идејата за производство на сладолед дојде сосема случајно кога добивме можност да купиме машини за ова производство. За три години го надраснавме капацитетот на фабриката, па поради зголемената побарувачка во моментов размислуваме за проширување, зголемување на капацитетите и воведување повеќе нови стандарди во производството.

Интересно е што првиот чекор беше да се набават машините, но клучен фактор за да се направи добар сладолед е рецептурата. Ние се водевме одидејата да направиме производ сличен на тој на Мекдоналдс, поточно на нивниот вкус на ванила. Овошните преливи ги подготвуваме сами. Купуваме овошје од домашни производители и од него сами ги правиме сирупите и додаваме парчиња овошје во сладоледите.

Како ја создадовте рецептата за сладоледот кој од година во година привлекува се повеќе потрошувачи?

Рецептата е создадена со многу труд и експериментирање, но секако и со помош на консултант од Србија, кој има големо искуство во регионот, Европа и во арапските земји. „Марвик“ сладоледите повеќе од три години се на пазарот, но во првата година најмногу се експериментираше со вкусовите на купувачите, за да дојдеме до идеалниот рецепт, кои ароми се најбарани, кое е најдоброто количество на шеќер и овошје во сладоледите. Во моментов произведуваме шест вкусови спакувани во теглички, а имаме и пакувања од три килограми кои се наменети за ХО-РЕ-КА секторот, потоа пакувања во мали пластични чашки, како и пакувања од половина и од еден килограм. Најновиот вкус ни е ванила со прелив од карамела и прелив од смоква, кој се покажа како одличен и е многу баран на пазарот.

Каков е македонскиот потрошувач, кои се неговите омилени вкусови сладолед?

Во првата година направивме неколку вкусови и по тие се водиме и понатаму. Засега, најбарани се ванилата и шумското овошје, како еден од најосвежителните сладоледи, во кој има голем процент на овошје, со оглед на тоа дека сирупот е направен од 40 до 50 % овошје. Задоволни сме од побарувачката, квалитетот на сладоледите е одличен, а цената е многу пристапна и примамлива за купувачите. Во продажбата засега доминира ХО-РЕ-КА секторот, но годинава многу порасна и побарувачката во малопродажба. Досега не сме правеле промоција во медиумите, освен на социјалните медиуми и промоции во кафулиња. Почнавме на потешкиот начин, по принципот добриот збор надалеку се слуша, преку задоволни купувачи. Тој начин на пробивање на пазарот трае подолго, но е сигурен и докажан.

Покрај сладоледите, под брендот „Марвик“  произведувате и други десерти. Кои се тие?

Како поспецифичен може да ја одвоиме панакотата, која се покажа како еден од фаворитите на потрошувачите. Ја произведуваме во пакување за ХО-РЕ-КА секторот. Многу е  практично за хотели и ресторани кои треба само да го сервираат и декорираат овој десерт. Имаме и пакување за малопродажба, кое е дополнето со овошен прелив од шумско овошје и од карамела, а планираме во иднина да направиме и со вишна.
Произведуваме и пудинзи, кои засега се со два вкуса, чоколадо и ванила, а третиот десерт е сутлијашот.

Планирате ли производите на „Марвик“ да ги понудите и на други пазари, освен на домашниот?

Во моментов преговараме за извоз во Србија, што ќе биде наш прв пробив на извозните пазари. Мислиме дека на почетокот на идниот месец ќе ги испорачаме првите количини. Ќе извезуваме панакота, пудинг и сутлијаш со натур вкус и со додаток на јаболко и цимет.

Да се биде производител во Македонија е голем залак. Кој е најголемиот предизвик со кој се соочувате во работата, дали банките ги следат фирмите кои се развојно ориентирани?

Работната сила е еден од најтешките предизвици со кои се соочуваме. Има забележителен одлив на работници и недостатокот се чувствува се повеќе во последно време откако ни се зголеми капацитетот на работата. Има работници кои не се особено мотивирани, се откажуваат откако ќе треба да започнат со работа на почетна најниска позиција, иако тоа е начин да се научи и да се напредува.

Што се однесува до банките, во моментов немаме потреба од кредит или позајмица, во насока на проширување на бизнисот, бидејќи тоа го финансираме од сопствената заработка. Сепак, сметам дека, доколку ни треба, ќе добиеме банкарска поддршка.

Кои се вашите планови за иднина?

Размислуваме да гопрошириме производство и кон овошни јогурти. Тоа засега е идеја, која ја истражуваме. На пазарот има многу голема понуда на овошни јогурти, но сите се од странски производители. Заради тоа го испитуваме мислењето на купувачите, дали би сакале и дали би купувале овошен јогурт од домашни производители.

 

Остварена продажба на годишно ниво

33.000 кг Сладоледи

42.500 кг Десерти

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •