Наталија Бургиева по вокација е економист. Во одреден период имала здравствен проблем, па останала дома, со две деца. Почнала да истражува како самата да одгледува здрава, органска храна. Пробувала начини, учела од холандски книги, барала практики за циркуларна економија. Еден ден и успеал тест примерок, па одгледала домати и краставици во урбана средина, во само два квадрати како за цело семејство, органски. Решила тоа да го применува, и дома и пошироко, за бенефит да има и општеството.

Ова е приказната за „МаМа Органа“, стартап во фокус на нашиот нов подкаст „Skills that pay the bills“. Овој пат презентираме органскo и одржливo производство, наградени идеи и бизниси кои го задржуваат балансот со природата, за да им овозможат на граѓаните поздрав живот. И тоа, како Бургиева, го прават мисионерски, без помодарски побуди.

- Advertisement -

„’Мама Органа’ е компанија формирана да собира отпад од храна, којшто инаку загадува и предизвикува климатски промени, а од него произведува органски ѓубрива да им помага на фармерите и урбаните градинари во одгледувањездрава и чиста храна. Па, всушност сме во една улога на ѓубреџии, но добри ѓубреџии, од ѓубрето произведуваме вредност. Отпадот од храна, всушност, не е ѓубре. Се собира два пати неделно, се става во процес на компистирање. Меѓутоа, ние не користиме класично компостирање, со превртување и сл, туку имаме две техники. Едната со калифорниски црви, а другата е иновативна технологија со машина-апарат, која работи и на топлина и за брзо време отпадот станува ѓубриво, спремно да се користи“, објаснува Бургиева.

- Advertisement -

Ѓубривата ги пакуваат во биоразградливи амбалажи. Се’ е рачно спакувано, залепено, проверено, исконтролирано. Така ги пласираат до корисниците. Функционираат преку собирачките центар во Маџири, но и во Лисиче, каде граѓани самоиницијативно доаѓаат и носат отпад од храна од дома.

За органските производи, покрај што се важни за човековото здравје, во смисла на канцер клетки, шеќер, дијабетис и ред други болести, Бургиева нагласува дека се исклучително важни и за опстанокот на планетата.

- Advertisement -

„Во конвенционалното земјоделие, се употребуваат вештачки ѓубрива и препарати што содржат азот и некои други пестициди и хербициди, коишто ја загадуваат почвата. Како последица на тоа – ги загадуваат водите. Како последица на тоа – се загадува атмосферата, се испуштаат гасови. Особено азот. Сите зборуваат за стакленички гасови, меѓутоа, воздухот што го дишеме е 70% азот“, вели таа.

Институците да помагаат во органското производство, не само декларативно, нагласува Бургиева.

Средства и ресурси што се вообичаени во разни земји, но проблем било и што поради отсуство на Закон за социјални претпријатија, тие се регистрирале како занаетчија. Со тоа, проблем имаат при апликации во Фонд за иновации, или пред странски донатори, иако бизнисот се развива.

„Потребно е ментори, едукатори, коишто на фирмите, особено на стартапите што решаваат некаков социјален и општествен проблем, покрај бизнис-моментот ќе им се дадат насоки како најдобро да се регистрираат. Како да се постават на пазарот. Како тоа да го направат, со цел да не губат бенефиции можни во иднина“, вели таа.

 

Наталија Бургиева

„МаМа Органа“ не застанува. Нудат вработувања и за самохраните мајки, кои искуства покажуваат дека често се социјално исклучени, а истовремено стартапот се проширува низ циркуларната економија. Покрај органските ѓубрива, нудат и песок за мачки, еколошки и од природни минерали.

„Вториот производ е ‘Fresh air on a plate’. Комбинација од билки што служат за прочистување на воздухот во внатрешни простори. Од остатоци од прашак за перење, филтри од клима-уред, од омекшивачи и разни хемиски средства што дома чистиме, па тоа останува и го дишеме. Планираме уште производи, да промовираме циркуларна економија. Апсолутно веруваме дека секој отпад не е ѓубре и може да се креира многу од отпадот. На тој пат сме, имаме цел да ги едуцираме повеќе луѓето“, констатира Бургиева.

Кога сме кај огранска храна, веќе неколку години се активни од „Добра земја“.

Понеделнички, автобус застанува, носи органска храна од производители. Дечки од „Добра земја“ ги земаат свежите плодови. За достава користат јавен транспорт, за да се намалуваат ЦО2 емисиите. Пластичните кеси ги враќаат кај производителите, бидејќи државата е доволно закопана во ѓубре. На муштериите, им нагласуваат да излезат од комфор зоната, да си носат торба кога ќе купуваат органски производи.

Ова е мисионерски чекори на „Добра земја“. Според Ивона Бару, една од сопствениците и основачите, задругата има концепт кој опфаќа елементи на природата, екологогијата, биодиверзитетот и органското производство.

 

„’Добра Земја’ не е една класична фирма со еден газда и вработени, туку задруга на потрошувачи на органска храна, тие на запад познати како ‘food cooperatives’, кадешто сопственоста е поделена помеѓу членовите на задругата. Структурата на управување е хоризонтална. Нормално е задругите да прават профит, но за разлика од класичните бизниси каде што профитот се акумулира на сметката на еден човек, во задругата како нашата, сопствениците го вложуваат тој ппрофит во понатамошно развивање на задругата“, вели таа.

Бару потенцира дека храната е од органски производители, кои покрај што се грижат за здравјето на граѓаните, се грижат и да не загадуваат со хемиски препарати и не ги уништуваат живите организими.

„Нашите производи се онакви какви што нашите баби и дедови имале чест да ги јадат во нивно време. Здрави производи без пестициди, одгледани на чисти почви ѓубрени со природни ѓубрива и наводнувани со чисти изворски води. Ваквите производи се уште се реткост кај нас, но полека полека работите движат во добра насока. Да не заборавам.. често знаеме да организираме посети кај производителите за нашите членови. Реткост е да знаеш точно од каде доаѓа и кој ја произвел храната која ја консумираш. Ние ја викаме ‘храна со лице’. И не одиме само на прошетка, туку и помагаме“, потенцира таа.

„Добра земја“ осмислија концепт „Неделна органска кошничка за секој дом“. Кошничките се со свежо овошје и зеленчук, комбинации правени за да има баланс со нарачките, за да бидат поддржани сите производители во различни сезони. Исто така, да се поддржат иницијативите против фрлањето храна.

„Овој модел што го практикуваме ние тука, е познат во светот како CSA (Community Supported Agriculture). Со тоа што на запад, тие одат и чекор понатака, и однапред се претплаќаат на производите кои ги земаат, а производителот знае точно: толку откупено – толку ќе произведе. И реално тука нема никаков отпад, нема загуби“, потенцира Бару.

Од наградената задруга „Добра земја“ веќе нагласија дека органската храна не е нов маркетинг, или помодарство што го тераат оние кои можат да си обезбедат поради повисоката куповна моќ, туку, суштината е нешто друго.

„Секој има право на здрава храна. Значи, конвертирање на конвенционалното производство во органско, а за тоа е потребно ниво на освестеност, до кое се уште не сме стигнале, за жал. Едукација на повеќе нивоа, а тоа е процес кој треба да се изоди пешки. Кај нас тоа се ‘бебешки чекори’ и ние ова што го правиме, и на ниво на закони, легислатива… Се прават промени, ама полека… Се надеваме дека ќе се појават повеќе ‘Добри земји’. Не мора конкретно ние, некој друг да го прави самиот концепт и да развива во друг дел од Македонија. Има потенцијал, имаме побарувачка, земјиште. Сонце… Имаме идеални услови за органско производство, кое е повеќе од потребно“, вели таа.

Во Кочанско се произведува био смарт ориз. Јорданчо Лефков од Здружението преку натпреварот на „АРНО“, стигна и до награда на регионалниот натпревар за „Филантропија преку зелени“ во Тирана. Негова е идејата за био смарт ориз, трансформација на неодржливото оризово производство во одржлив модел.

Ова е еколошкиот паметен ориз, произведен на уникатен, иновативен начин, со рационално користење на водата и другите ресурси.

Јорданчо Лефков

Маркетинг стратегијата за промоција на био-смарт оризот на домашниот пазар, подразбира брендирање, сертифицирање и специјално пакување. Како био-смарт ориз можат да се садат повеќе сорти присутни кај нас, отпорни и со потенцијал за рано садење.„Значи, да се дојде до поздраво производство, до поквалитетно производство, кадешто ќе се заштити здравјето на граѓаните, на производителите, па и на потрпшувачите, и од друга страна – да се заштити река Брегалница од загадување. Значи, контролирана употреба на вода, контролирана употреба на хемиски препарати“, вели тој.

„Ќе направиме ние и наш Центар за пакување. Тој ориз директно од призводителот ќе може да се најде на трпезите на граѓаните, без притоа да биде дополнително на преработки, на мешање во фабриките итн. На некој начин, ќе има додадена вредност“, нагласува тој.

Лефков потенцира дека моделот на рана сува сеидба не е непознат во светот, но досега не се применувал кај нас.

„Оризот е се’ побарана храна на светскиот пазар. Го бараат насекаде, меѓутоа ние не сме во состојба да испорачаме ориз којшто е пакуван и заштитен како што треба. Ова е револуционерен обид, сјајот на оризот да го вратиме на традиционалните пазари во поранешна Југославија, па и пошироко“, контатира Лефков.

Лефков бара проширување на вакво размислување и пракси. Со одржливо производство, иновативативни чекори и рационализација на ресурси, бенефит има и за производителите и купувачите, но и за целата средина.

Бојан Шашевски, 

Radio MOF

Подкастот и интервјуата од серијалот Skills that Pay the Bills се изработени од Радио МОФНивна цел е да ангажираат млади лидери преку претприемништво и да ја подобрат свеста за клучните економски проблеми со кои се соочува македонската младина.